ДКСК: Синот на Талат Џафери положил правосуден пред да дипломира, но немаме како да докажеме

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на денешната 75. седница одлучи дека не може да се отвори предмет за случајот со Барлет Џафери, син на претседателот на Собранието, Талат Џафери, бидејќи Министерството за правда не ја чува документацијата.

ДКСК утврди дека Барлет Џафери се здобил со право да полага правосуден испит, иако сè уште не бил дипломиран, меѓутоа дека немаат услови за да го докажат тоа.

„Од документацијата со која располагаме можеме да заклучиме дека студиите со кои се стекнал со триста кредити кандидатот ги завршил по положувањето на правосудниот испит. Не ни се совпаѓа потребното време од стекнувањето на триста кредити до можноста да се полага правосуден испит, меѓутоа не можеме тоа да го потврдиме бидејќи документите во Министерство за правда не се чуваат, затоа што се работи за предмет со постари датуми и не постојат мерки од наша страна што можеме да ги преземеме. Единствено што можеме да потврдиме е дека лицето Барлет Џафери ги исполнил условите за на Академија оти имал положено правосуден испит, но како се стекнал со правото за правосуден испит не“,истакна претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.

Од Министерството за правда информираат дека Барлет Џафери положил правосуден испит на 05.02.2015 година, а потписот за положениот испит го ставил тогашниот министер за правда Аднан Јашари. Документите на кандидатите кои полагале правосуден испит било пракса да се чуваат една година.

„Во врска со случајот со Барлет Џафери кој го водеше Државната комисија за спречување на корупција Ве информираме дека согласно евиденционата тетратка за положени кандидати што се води во Министерството за правда и е од трајна вредност, лицето Барлет Џафери има положено правосуден испит на 05.02.2015 година. Потписот за положен правосуден испит го ставил министерот за правда кој ја извршувал функцијата во 2015 година. Во врска со наводите на ДКСК за немањето документација за положен правосуден испит на Џафери, Ве информираме дека согласно член 27 од Уредбата за канцелариско и архивско работење (“Службен весник на РМ”, бр.01/14), министерот за правда секоја година носи листа на документиран материјал со рокови за негово чување за потребите на Министерството за правда. Во однос на рокот за чување на документацијата во Министерството за правда, досегашната пракса била документите на кандидатите односно барањата и другата придружна документација на кандидатите за полагање правосуден испит да се чуваат една година“,посочуваат од Правда.

Со цел надминување на евентуалните можни злоупотреби околу полагањето на правосудниот испит, Министерството за правда ја разгледа можноста за електронско пријавување на правосудниот испит преку Националниот портал Е-услуги. На тој начин кандидатите ќе ги поднесуваат своите документи по електронски пат, додаваат од Министерството.

Total
0
Shares
Поврзани објави