Филипче најави тужба за клевета против Николоски откако тој го праша од каде му се пари за хациенда на Водно и за луксузно „ауди“

Носителот на кандидатската листа на СДСМ и коалицијата во четвртата изборна единица, Венко Филипче, денеска во објава на Фејсбук најави дека ќе го тужи за клевета својот противник во истата изборна единица од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

Ова следува откако Николоски од посетата на село Новаци, меѓу другото, говорејќи за носителот на СДСМ во „четворката“, праша од каде му се пари за хациенда на Водно и дали со својата докторска или министерска плата купил ‘ауди кју 8 РС’ вредно над 200 илјади евра.

„Со министерска плата не се купува ауди кју 8 РС’ од 250 илјади евра како што вози Венко Филипче. Од докторска или министерска плата не се гради хациенда на Водно која ексклузивно ќе ја покажам вечерва тука во Новаци, мислам дека е чесно Стево Пендаровски да одговори како се гради оваа хациенда на Водно“,рече Николоски од посетата на село Новаци.

Оценувајќи ги за навреди со кои се обидува да добие политички поени, Филипче најави тужба за клевета против Николоски во однос на обвинувањето оти има хациенда на Водно за која рече дека Антикорупциската комисија одамна донела одлука оти не ја поседува. Тужба, како што рече, ќе добие и за другите клевети кажани против него.

„Политичката култура на Александар Николоски спадна на најниско ниво, но не сум изненаден од речникот. Сепак, морам да признам дека не очекував Николоски да прерасне во кафеански озборувач. Ваквото озборување упатува на целосно отсуство на идеи и концепт во оваа кампања, па Николоски со навреди се обидува да добие политички поени. Исто така, загрижувачки е што Николоски изјави дека работел од свои 14 години сакајќи да го оправда фактот што нема ниту ден стаж во реален сектор. На 14 години можеби единствено што можел да работи е лепење плакати“,пишува Венко Филипче во објавата на Фејсбук.

Од посетата во село Новаци, носителот на ВМРО-ДПМНЕ во ИЕ 4, меѓу другото, рече дека Венко Филипче е еден од најозборуваните од страна на актуелниот претседател и кандидат за втор мандат Стево Пендаровски.
„Да го прашам Венко Филипче дали слушнал или не дека кога Стево ќе се опушти озборува во круг на блиски новинари и вели дека Филипче бил уживател на психотропни супстанции. Дали го слушнал или не го слушнал тоа и како е можно да еден за друг зборуваат такви работи зад грб, а излегуваат пред народот и бараат гласови“,
рече Николоски од Новаци.

Total
0
Shares
Поврзани објави