Сали разрешен од министер со 65 гласа „за“, а Алити и Чупи со 64 гласа

Тројцата досегашни министри во Владата од редовите на Алтернатива се разрешени од функциите.

Од министерските позиции заминуваат досегашните министри за здравство – Беким Сали, за информатичко општество и администрација – Адмирим Алити и министерот без ресор задолжен за дијаспора – Џемаил Чупи.

Од присутни 105 пратеници, „за“ разрешување на Сали гласаа 65 пратеници, а немаше ниту еден „против“ или „воздржан“. За разрешување на Алити и Чупи, пак, имаше по 64 гласа „за“ и по еден „против“.

Седницата за разрешување и именување нови членови на Владата започна пред десет дена, на 13 февруари. На дневен ред се четири точки, а разрешувањето на тројцата министри е само првата точка.

Тоа значи дека сега допрва ќе се дискутира и гласа за избор на нови владини членови, што е втора точка на дневниот ред.

Со изборот на нови министри треба да се пополнат местата на Сали и Алити, како и на поранешните министри за правда Никола Тупанчески и за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини. За разрешувањето на Тупанчески и Нуредини не се дискутираше затоа што тие сами ги поднесоа оставките како резултат на договорот за влез на Алијанса за Албанците во Владата и прераспределба на ресорите, па затоа Собранието само им ги констатираше оставките.

Новите министри кои треба да се изберат на нивно место се: Кренар Лога (Алијанса) – министер за правда; Фатмир Меџити (Алијанса) – министер за здравство; Азир Алиу (Алијанса) – министер за информатичко општество и администрација; и Каја Шукова (СДСМ) – министерка за животна средина и просторно планирање.

Total
0
Shares
Поврзани објави