Захариева: Промената на Уставот на С Македонија не е голема работа, Скопје мора да ги исполни условите

С Македонија мора да ги спроведе потребните реформи и да ги исполни условите доколу сака да започне преговори за влез во Европската Унија (ЕУ). Ова во изјава за бугарската новинска агенција БГНЕС го вели заменик-претседателката на ГЕРБ, Екатерина Захариева, која е заменик-претседател на комисијата за надворешна политика на бугарскиот парламент и поранешен министер за надворешни работи на источниот сосед, во периодот од 2017 до 2021 година.

Повод за нејзиниот коментар, како што наведува агенцијата, е претстојното гласање во македонскиот парламент за вметнување на Бугарите во Уставот. Ова, се додава во веста, е едно од главните барања утврдени во т.н. „Француски предлог“ што властите во Скопје се согласија да го спроведат пред одржување на втората Меѓувладина конференција меѓу С Македонија и ЕУ, или, како што пишува БГНЕС, пред да започнат „вистинските преговори за членство на земјава во Унијата“.

Според Захариева измените на македонскиот устав не се голема работа и ги повикува „македонските соседи и пријатели да не се плашат од промените“.

„Измена на Уставот на РСМ не е голема работа. Бугарите се дел од реалноста во РСМ и тоа мора да се прифати“,вели поранешната шефица на бугарската дипломатија и актуелна пратеничка во 49. Национално собрание на Бугарија.

Таа е категорична дека е корисно двете земји да отворат нова страница во односите.

„И Софија и Скопје губат од лошите односи. Многу е подобро да немаме граници меѓу нас и да се развива бизнисот. Важно е луѓето да можат слободно да се среќаваат и да комуницираат без страв“,вели Захариева.

За сето ова да се случи, додава таа, С Македонија мора да ги исполни условите од Прегопварачката рамка и да прифати дека Бугарите се дел од РСМ.

„Мора да се прекине со дискриминацијата врз Бугарите, како и неодамна зачестените случаи на физичко и вербално насилство. И сето тоа е добро за РСМ и за граѓаните на оваа држава, тие самите да се чувствуваат добро во својата татковина, а не да се иселуваат“,вели Екатерина Захариева.

Пленарната седница на Собранието на С Македонија е  закажана за 18 август и на неа треба да почне расправата за амандманите за уставните измени. Измените, со кои Бугарите треба да влезат во Преамбулата на Уставот, се услов за одржување на Втората меѓувладина конференција меѓу С Македонија и Европската Унија, во рамките на преговорите за членство во Унијата, што земјава ги почна лани во јули.

Total
0
Shares
Поврзани објави