Зеленски: Кој е спремен да се бори покрај нас? Не гледам никого, сите се плашат

“Ги прашав – дали сте со нас?“, рече Зеленски. „Тие ни одговорија дека се со нас, но не сакаат да нѐ земат во алијансата. Ги прашав 27-те лидери на Европа, дали Украина ќе биде во НАТО, директно ги прашав – сите се плашат и не одговорија.“

„Оставени сме сами да ја браниме нашата држава“, рече Володимир Зеленски во емотивното видеообраќање до нацијата по полноќ. „Кој е спремен да се бори покрај нас? Искрено, не гледам никого. Кој е спремен да ѝ даде на Украина гаранција за членство во НАТО? Искрено, сите се плашат“, додаде тој.

Зеленски рече дека 137 „херои“, меѓу кои и 10 воени офицери, се убиени, а 316 луѓе се ранети. Меѓу загинатите се и сите граничари на Змискиот Остров во регионот Одеса, кој беше преземен од Русите.

Зеленски, исто така, рече дека руските „диверзантски групи“ влегле во главниот град Киев и ги повика граѓаните на градот да останат будни и да го почитуваат полицискиот час.

„Не се плашиме од Русија, не се плашиме да разговараме со Русија, да зборуваме за сè: за безбедносни гаранции за нашата земја и за неутрален статус. Но ние сега не сме во НАТО – какви безбедносни гаранции ќе имаме? Кои земји ќе ни ги дадат?“, рече тој и додаде дека треба да има разговори за да ѝ се стави крај на руската воена офанзива.

Тој го заврши говорот велејќи дека „судбината на земјата целосно зависи од нашата армија, безбедносните сили, сите наши бранители“. Тој исто така рече дека земјата слушнала од Москва дека „сакаат да разговараат за неутралниот статус на Украина“.

Тој рече дека тој и неговото семејство останале во Украина, и покрај тоа што Русија го идентификувала како „цел број еден“.

„Тие сакаат политички да ја уништат Украина со соборување на шефот на државата“, рече Зеленски.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во четвртокот рече дека „неутралниот статус и одбивањето да се инсталираат странски вооружени системи“ се „црвените линии“ на Путин за Украина и дека топката сега е во рацете на Киев.

Total
0
Shares
Related Posts