Касами и Ганиу го злоупотребија Курти за нивна политичко-партиска дневна агенда, смета Артан Груби

Првиот вицепремиер Артан Груби смета дека градоначалниците на Чаир и Тетово, Висар Ганиу и Биљал Касами ја злоупотребиле посетата на косовскиот премиер Албин Курти за нивна политичко-партиска дневна агенда.

„Посетата на премиерот Курти е секако добредојдена. Тој често доаѓа многу често, доаѓа во Македонија, да не речам, пречесто, но доаѓа на многу настани. Ова беа локални настани организирани од две општини и одговорноста за организацијата е на тие две општини. Мислам дека е поминато времето на фолклоризмот во нашата земја и граѓаните ценат работи, проекти и реализација, а не фолклоризам и провиден патриотизам кој беше промовиран од тие кои го поканија Курти и се обидоа да го злоупотребат за нивна политичко партиска дневна агенда за да придобијат некој поен, но очигледно дека не придобија“,изјави Груби на „Саемот за вработување“ во организација на конзорциумот „Бехтел и Енка“ кој ги гради Коридорите 8 и 10д.

Груби порача дека треба да се почитуваат државните институции, сите законски обврски, како и знамето и химната.

„Се виде дека името на улицата не е сменето од општината, туку од Градот Скопје и Владата. И патот Тетово-Призрен не може да го прави Општина Тетово, туку нашата Владата со Владата на Косово. Секако дека треба да ги почитуваме институциите во нашата земја, треба да ги почитуваме знамето и химната и сите законски обврски што ги имаме во било која од организациите. Сметам дека театарот што сега се приредува е апсолутно непотребен. Во недостиг на проекти, идеи и реализација, им треба да прибегнуваат кон некој лажен фолклорен патриотизам кој во 2023 година е апсолутно непотребен зашто сите гледаме што ни треба, а тоа е да имаме проекти и реализација. Во недостиг на ова прибегнуваме кон национален фолклорен протагонизам“,смета Груби.

Инаку, Ганиу и Курти добија прекршочни пријави за непочитување на државните симболи при посетата на косовскиот премиер Курти во Чаир и Тетово. Неофицијалната посета се одржа во петокот. Во Општина Чаир, Курти присуствуваше на преименување на улицата „Втора македонска бригада“ во „Адем Демачи“. Во Тетово, пак, беше пречекан со целодневни активности и со настан на градскиот плоштад на кој се вееја многу знамиња на Република Албанија, како и знаме со картата на т.н. „голема Албанија“. Во Тетово, Курти го пречекаа градоначалникот и лидер на Движењето БЕСА, Биљал Касами, претседателот на Алтернатива, Африм Гаши и претседателот на новоформираната партија Демократско движење, Изет Меџити. Ова силно ја разбранува јавноста, а власта и опозицијата со денови се расправаа чија е одговорноста за случувањата во Чаир и во Тетово.

Total
0
Shares
Поврзани објави