Лазаров: Германија е класа за нас, со Швајцарија ќе дадеме сѐ од себе – за победа!

Македонската ракометна репрезентација загуби од домаќинот Германија на Европското првенство (ЕП), а селекторот Кире Лазаров кажа дека не е задоволен од играта на неговите пулени, иако имале неколку добри моменти на теренот.

Селекторот ги посочи техничките грешки како главен проблем на денешниот меч поради што и одбраната повторно изгледаше лошо.

„Искрено не можам да бидам задоволен од играта, иако имавме добри моменти. Повторно имавме над 15 технички грешки против Германија. Ние зборуваме дека одбраната е лоша, но повторно имавме лесно продадени топки. Германците се цврсти, силни и домаќини се. Ние се обидовме да бидеме добри и дадовме отпор, но не беше доволно. Лошо го почнавме мечот, а потоа се обидовме да воспоставиме рамнотежа, но тие знаеја да ги искористат нашите грешки и да го решат победникот. Мислам дека во овој момент Германците се класа подобри од нас, а тоа го видовме на теренот. Треба да се работи многу, мислам дека не е реално да посакуваме дека во овој момент ќе ја победиме Франција или Германија“, кажа Лазаров.

Лазаров кажа дека во одредени моменти одбраната била подобра во однос на мечот со Франција.

„Во одредени моменти играта во одбрана беше подобра од Франција, но многу топки загубивме во контри. Мислам дека имавме проблеми во нападот и се обидувавме со игра седум на шест, зашто немаме друго решение во моментов. Понекогаш делува добро, понекогаш не делува, но немавме друг избор“, посочи селекторот.

Македонија последниот меч во групната фаза го игра против Швајцарија, а Лазаров кажа дека ќе дадат сè од себе да ја победат.

„Ќе бидеме конкурентни и ќе дадеме сè од себе за да ги победиме Швајцарците. Имаме еден ден за да се одмориме, па ќе се обидеме да ги исчистиме главите и да го дадеме максимумот на теренот“, кажа Лазаров.

Total
0
Shares
Поврзани објави