Министерката за култура најави тужба за клевета против градоначалничката на Скопје

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска најави тужба за клевета против скопската градоначалничка, Данела Арсовска.

– Нема да дозволам Универзална сала да биде дел од политичко препукување и дел од изборната агенда на Арсовска – изјави денеска министерката Костадиновска-Стојчевска.

Според неа, обвинувањата дека таа знаела за пожарот, но не пријавила веднаш, се само измислена приказна.

– Таа самата детално ќе објасни во тврдењата за мене. Изгледа добро и оди со судски тужби. Ако сака да биде обвинител и истражител, нека повели. За клеветите ќе се видиме на суд. Не само што покажа негрижа за градот и немање слух, туку покажа и дека единствениот начин со неа е само преку суд – истакна Костадиновска-Стојчевска.

Таа не сакаше да ги коментира причините за пожарот. Вели, истрагата се уште трае и истражните органи се тие што ќе треба да кажат како се запали Универзалната сала.

Министерката рече дека Универзална сала е осигурана и таа ќе им биде вратена на граѓаните.

– Универзална сала не е личен имот на Данела Арсовска. За објектот одлучуваше Советот на Град Скопје. Ако тие одлучат, тогаш тоа е процес на кој што не можеме да влијаеме – заклучи министерката за култура.

Инаку, на вчерашната прес-конференција, Данела Арсовска рече дека е нејасно зошто министерката за култура ако дознала за пожарот пред 9 часот, истиот не го пријавила и зошто ако работниците и инженерката на фирмата се обидувале да го гаснат пожарот и откако не го локализирале, не пријавиле и не побарале помош од Противпожарната бригада на Град Скопје, каде многу подоцна е пријавен пожарот од страна на случаен минувач.

Total
0
Shares
Поврзани објави