„Навални доби удар во срцето, тоа е познатиот потпис на КГБ“ – кружат нови теории за смртта на рускиот опозиционер

„Алексеј Навални најверојатно е убиен со еден удар во пределот на срцето, ова е техника што ја користи КГБ“, изјавил извор од затворот каде што наводно е пронајден мртов рускиот опозиционер.

Модринките пронајдени на телото на Навални наводно одговараат на методот „погубување со еден удар“, тврди Владимир Осечкин, активист за човекови права кој побегнал од Русија.

„Тоа е стариот метод на специјалните сили на КГБ. Тие ги обучуваа своите оперативци да убијат човек со еден удар во срцето, во центарот на телото. Тоа беше заштитен знак на КГБ“, изјави тој за „Тајмс“.

Осечкин, основачот на порталот „Гулагу.нет“, кој ги собира сведочењата на осудениците и работниците од руските затвори, вели дека информациите ги добил од извор кој работи во арктичката колонија каде што загина Навални, во петокот на 16 февруари.

Јулија Навални го обвини рускиот претседател Владимир Путин за смртта на нејзиниот сопруг, тврдејќи дека Алексеј Навални бил отруен со нервен гас „Новичок“ и дека руските власти се обидуваат да го прикријат убиството одбивајќи да го предадат неговото тело.

Осечкин, меѓутоа, не е убеден во тоа и вели дека властите можат да го убијат Навални на кој било начин и дека не би сакале да „остават трага во неговото тело што може да доведе директно до Путин“.

Тој тврди дека Навални бил принуден да помине помеѓу два и пол до четири часа на отворено каде што температурата би можела да се спушти до минус 27 степени Целзиусови преку ден, пред неговата смрт.

Затворениците обично се држат надвор не повеќе од еден час, дури и во помалку екстремни услови.

„Мислам дека прво му го уништија телото држејќи го на студ долго време и забавувајќи ја циркулацијата на крвта на минимум“ објасни Осечкин.

Тој вели дека е можно да бил употребен само еден удар – техника користена од специјалните сили на КГБ за да се избегне каква било индикација за причината за смртта.

Пред да стане руски лидер, Путин служеше околу 15 години во КГБ како разузнавач, а се пензионираше во 1990 година со чин потполковник.

Руските власти досега не успеаја да дадат убедливо објаснување за смртта на Навални, најистакнатиот критичар на рускиот претседател.

Според Националната поправна служба, 47-годишникот починал откако му се слошило, по прошетка.

Државниот канал на страницата за пораки Телеграм подоцна тврдеше дека причината за смртта е згрутчување на крвта.

На семејството на Навални му било кажано дека не можат да имаат пристап до неговото тело уште две недели.

Осечкин рече дека верува оти присуството на офицери на ФСБ во затворот е доказ дека Навални бил убиен од Кремљ.

„Она што го знам од мои извори е дека тоа беше специјална операција, која беше подготвена неколку дена однапред. Тоа беше наредба од Москва, бидејќи без Москва немаше да биде можно да се запре снимањето на камерите како што беше направено“ вели Осечкин.

Total
0
Shares
Поврзани објави