Најавената оценска мисија на ЕУ утре доаѓа во земјава – во фокус работата на Судскиот совет

Европската Унија (ЕУ) утре и задутре во земјава ја испраќа најавената оценска мисија која, според најавите на евроамбасадорот Дејвид Гир, ќе се фокусира на работата на Судскиот совет кој последниве неколку месеци е во центарот на вниманието на јавноста поради низата скандали и превирања во ова тело.

Ваквата информација денеска преку писмено соопштение ја објави Делегацијата на ЕУ во Скопје.

Експертскиот тим, составен од претставници на земји членки на Унијата, додаваат оттаму, ќе ја испитува институционалната рамка на Судскиот совет и ќе предложи краткорочни и среднорочни мерки, вклучително законодавни и институционални мерки, со цел јакнење на независноста, непристрасноста и кредибилитетот на ова важно тело за управување со судството.

Тимот експерти ќе биде предводен од Бранко Хрватин – поранешен претседател на Врховниот суд на Хрватска. Тој ќе ја започне мисијата во земјава на 27 и 28 јули и ќе го идентификува обемот на работата на експертскиот тим.

„Работата ќе биде завршена со поддршка на тим експерти од земјите членки на ЕУ, кои ќе ја посетат Северна Македонија во септември 2023 година“,се додава во соопштението на Делегацијата на ЕУ во Скопје.

Доаѓањето на оценската мисија на ЕУ во Скопје ја најави амбасадорот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир, на почетокот на месецов. Тој објасни дека се работи за советодавна група, која треба да помогне во изнаоѓање на начините на кои Унијата може да одговори на прашањата за професионализмот, интегритетот и независноста на Судскиот совет, за ова тело да може во иднина да ја врши својата работа во духот на овие вредности.

Total
0
Shares
Поврзани објави