Незири не учествуваше и немаше никаков придонес во инцидентот во М-НАВ, вели неговиот адвокат

Адвокатот Еленко Миланов, кој е правен застапник на Беким Незири во случајот поврзан со упадот во М-НАВ, вели дека Незири, кој е еден од осомничените, не учествувал во инцидентот во Македонската навигација, дека немал апсолутно никаков придонес во случајот и дека целиот настан се случил зад неговиот грб.

Во изјавата од пред Кривичниот суд, Миланов кажа дека не е точно оти инцидентот се случил во контролната кула во М-НАВ ниту дека биле нападнати контролори кои во моментот извршувале работни задачи.

„Целата фама околу овој настан започна со една дезинфомација која постојано се повторува и на таа дезинформација се засноваат сите досегашни изјави и коментари како на стручната, така и на нестручната јавност, а тоа е дека што било се случило во контролната кула. Во овој настан ниту има нешто што се случило во контролната структура, ниту има нешто што се случува во близина на таа контролна кула ниту, пак, со лице коешто во тој момент требало да извршува свои обврски во контролната кула. Тоа е првото и основно што ја направи оваа фама и разногласие“,изјави адвокатот на Незири денеска од пред Кривичниот суд.

Миланов изјави и дека денешното појавување на Незири во Кривичниот суд покажува оти тој нема намера да бега, туку напротив, сака да го докаже она што се случило во М-НАВ на дента на инцидентот.

„Беким се јави во рок од половина час на поканата од полициската станица, ги даде сите свои наводи кои имаше потреба да ги даде, еве и денеска се појави пред Судот што јасно кажува дека ниту мисли да бега, туку сака да го докаже она што реално се случило во коешто тој нема апсолутно никаков придонес“,додаде адвокатот на Незири.

Инаку, Беким Незири, ексминистер, актуелен претседател на огранокот на ДУИ во Чаир и вработен во М-НАВ, е еден од осомничените за насилниот упад во М-НАВ што се случи пред точно една недела, на 4 јануари.

Тој денеска се појави во Основниот кривичен суд Скопје каде што во тек е седницата на Кривичниот совет кој одлучува по жалбата на Скопското обвинителство. Жалбата на Обвинителството следува откако судија на претходна постапка им определи мерки за претпазливост, а не притвор, како што бараше ОЈО Скопје, на четворицата осомничени за упадот во М-НАВ, меѓу кои е и Беким Незири.

Total
0
Shares
Поврзани објави