Ново поскапување на дизелот, почна растот и кај бензините

Ново поскапување на бензините и на дизелот. Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) денеска донесе Одлука со која ги зголеми малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2 проценти во однос на одлуката од петокот. Минатата недела РКЕ во три наврати ги промени нагоре цените на дизелот, но со денешната одлука поскапуваат и бензините. 

Со денешната одлука малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за денар и половина, дизелот поскапува за еден денар, а Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) за 2 денари за литар.

Својата одлука за поскапувањето, Комисијата ја темели на растот на референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка и тоа – кај бензините за 6,182 проценти, кај дизелот за 2,172 отсто, а кај екстра лесното масло за 6,442 проценти. 

Од утре или од ноќеска по полноќ моторниот бензин ЕУРОСУПЕР БС 95 ќе чини 77,5 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС – 98 ќе се продава за 79,5 денари за литар, а дизел горивото ќе биде 73 денари за литар.

Цената на маслото за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) се зголемува на 72 денари за литар додека на мазутот на 41,687 денари за килограм. 

Од Регулаторната комисија напоменуваат дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 24.6.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.

Total
0
Shares
Related Posts