Пендаровски: Никој од Западен Балкан нема да влезе во ЕУ, ако прво се инсистира на решавање на билатералните спорови

Ниту една земја од Западен Балкан нема да влезе во ЕУ ако се инсистира прво да ги реши билатералните спорови, рече македонскиот претседател Стево Пендаровски на заедничката прес-конференција во Скопје со неговите колеги од Словенија и Хрватска,  Наташа Пирц – Мусар и Зоран Милановиќ по состанокот во рамки на процесот Брдо-Бриони. 

Изјавата на Пендаровски е во одговор на новинарско прашање во врска со тоа дали во однос на државите од Западен Балкан е поважно да ги решат чисто билатералните спорови, отколку да ги исполнат критериумите за членство содржани во поглавјата.

Пендаровски посочи дека во однос на Северна Македонија јасно е дека постои прилично голем дисбаланс во тој сооднос.

„Нам ни е јасно дека ’97 година таа т.н. регионална клаузула или добрососедските односи мора да се исполни. Во однос на нашата земја, нашите аспирации, нашиот пат досега, јасно е дека постои прилично голем дисбаланс меѓу традиционалните критериуми за влез во ЕУ и билатералните односи со намалку двајца од нашите соседи. Во изминатите три години ние имаме сериозен дисбаланс во таа смисла, затоа што билатералниот проблем со Бугарија, ја покри за жал целокупната традиционална агенда за пристапување. Ние се надеваме дека најскоро тоа ќе се промени, бидејќи ако на Западен Балкан инстистираме најпрво да бидат решени чисто билатералните спорови и посебно ако тие се потпираат на историја и на емоции тогаш ниту еден од Западен Балкан нема да влезе во ЕУ“,рече Пендаровски.

За неговите колеги од Словенија и Хрватска, Наташа Пирц – Мусар и Зоран Милановиќ билатералните прашања не треба да го одолговлекуваат пристапувањето во ЕУ.

Хрватскиот претседател истакна дека се важни и критериумите и решавањето на споровите и додаде дека тоа се процеси, кои се одвиваат паралелно.

„Важно е и едното и другото, постојат отворени прашања, особено меѓу Србија и Косово, кои меѓусебно не се признаваат. Тоа се процеси, што се одвиваат паралелно и истовремено и ќе повторам уште еднаш сметам дека овој вид на дијалог е вреден и дека е најлошо кога ќе стивнат телефонските линии. Тоа е смрт за дијалогот, за комуникацијата, за меѓусебното разбирање, па и недоразбирање. Еден од најважните моменти во скорешното минато е поврзан со идентитетот и самопочита на државите во овој простор, а тоа е кога Украина доби кандидатски статус пред БиХ, тоа беше необјасниво, но ете се случи“,рече Милановиќ.

Словенечката претседателка истакна дека е недвосмислено оти решавањето на билатералните спорови е во интерес на ЕУ, на пристапувањето во Унијата, но секако и во интерес на државите кои сакаат да станат членки.

Пирц – Мусар напомена дека сепак таа не е приврзаник на одолговлекување на процесот за влез во ЕУ поради билатерални проблеми. 

„Европа во повеќе брзини“ не е формален предлог, нема причина за загриженост

На прашањето дали е прифатлив предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон за „Европа во две брзини“, Пендаровски рече дека тоа не е формален предлог доставен до бриселските институции и оти не постои причина за загриженост. 

„Тоа е стар предлог на францускиот претседател. Со тезата дека прво треба да има продлабочување пред да има проширување, значи прво треба да има измени на клучните процедури за проширување во ЕУ, па дури потоа да размислуваме за проширување на Унијата. Такво нешто не се случува. Има симболични, но сепак има движења напред во однос на статусот на државите од Западен Балкан кон ЕУ и надвор од Западен Балкан, Украина и Молдавија не чекаат продлабочување на ЕУ туку влегоа во процедура за проширување“,рече Пендаровски. 

Според него, ако се гледа објективно, во ЕУ долги години па и децении наназад постојат две и повеќе брзини, бидејќи не сите земји-членки се дел од еврозоната и од Шенген зоната.

„Ова не е формален предлог на Макрон, ова е дел од говор од Советот на амбасадори на Франција во светот. Кога би бил формален предлог доставен до бриселските институции од она што го имам како информација не би бил прифатен сигурно. Немаме причина за загриженост, нема да станеме членка утре па да се плашиме дека ќе имаме понизок статус или права од другите земји-членки за нас е најбитно да продолжиме по овој формален пат кој го имаме досега и да се приближиме што е можно поскоро до ЕУ“,нагласи Пендаровски.

За ова прашање хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, рече дека Европа во две брзини е идеја која е тешко спроведлива во пракса. И словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар кажа дека не ја гледа Европа во повеќе брзини и оти не е приврзаник за Европа во две или три брзини.

360stepeni.mk

Total
0
Shares
Поврзани објави