Почина композиторот Љубомир Бранѓолица  

Во 90. година од животот почина легендарниот Љубомир Бранѓолица, еден од најуспешните македонски композитори, автор на музика за повеќе балетски претстави и филмски остварувања, но и автор на повеќе забавни хит-мелодии, за многу македонски пејачи, како и автор на песни за деца. Тажната вест ја потврдија и од Сојузот на композитори на Македонија (СОКОМ).

Бранѓо, како што сите нагалено го ословуваа, роден е на 19 август 1932 година, во градот Херцег Нови, на Јадранско Море, во Црна Гора.

Во 1946 се запишува во Военото музичко училиште во Загреб. Своето средно музичко образование го завршува во Риека.

Од 1950 до 1954 година работи во Уметничкиот ансамбл на ЈНА во Белград.

Во тогашната Народна Република Македонија доаѓа во 1954, останувајќи да работи во домовите на ЈНА во Куманово и Скопје.

Од 1957 е корепетитор во Балетот при Македонскиот народен театар, а потоа добива статус на слободен уметник до 1966 година. Тогаш се вработува во Радио-телевизија Скопје, како продуцент музички соработник и уредник на Музичката програма. Во меѓувреме дејствува како пијанист и како балетски критичар. Бранѓо за време на својата богата кариера бил корепетитор во Балетот при МНТ и музички продуцент во МРТ. Учествувал со своите забавни композиции и на многубројни „Скопски фестивали“.

Неговото творештво им припаѓа на повеќе жанрови (класична, поп-музиката итн.), а во него се застапени повеќе музички форми. Стилски тоа може да се класификува во т.н. еклектицизам на ⅩⅩ век, што значи дека најдобро може да се опише со помош на префиксите „нео” (неокласицизам, неоромантизам…).

Сепак, главен белег му даваат неговите балети, концертантните композиции, оркестарските дела, како и творбите што ѝ припаѓаат на популарната музика.

Воедно беше и автор на музика за голем број театарски претстави, телевизиски серии и филмови. Голем дел од неговиот творечки опус спаѓа во подрачјето на популарната музика (130 популарни, 60 детски песни и творби за танцов и ревиски оркестар). Напишал музика за 17 балети: Велеградски варијации, 1959; Аболиција – 1965; Карамита- 1974; Дубровничка легенда – 1986; Простувањето со Тања -1991; Силјан повторно лета – 2003 година и други. Тој е автор и на голем број оркестарски и концертни композиции: Концерт за пијано и оркестар – 1991; Концерт за удиралки и оркестар – 2005; Концерт за кларинет, флејта и оркестар – 2006; и други и две опери Марин и Јудита, (1990); Самракот на црниот, (1991);..

Во 1984 година ја издава книгата „Балет“ а во 2000 год, книгата „Музика – 50 години со вас“..

Во март 2006 година, Бранѓолица ја добива наградата за животно дело „Трајко Прокопиев”, која ја доделува Сојузот на композиторите на Македонија.                      Беше во среќен брак со познатата македонска балерина Вера Бранѓолица.

Total
0
Shares
Поврзани објави
Повеќе

Косовски државјанин се соблекол гол до појас, викал „УЧК“ и агресивно се однесувал кон патниците на денешниот лет на „Визер“ од Брисел за Скопје

Косовски државјанин се соблекол гол до појас, викал „УЧК“ и агресивно се однесувал кон патниците на денешниот лет…