По смртта на Јана, Лекарската Комора бара да спласнат критиките, родителите велат: Нема да не спречите да зборуваме!

Лекарската Комора со соопштение бара да престане јавниот притисок врз лекарите од Клиничката болница во Битола по смртта на петгодишната Јана. Според Комората, овој притисок е присутен, и покрај тоа што инспекцискиот и стручен надзор како и извештајот од Судска Медицина не утврдиле лекарска грешка и стручен пропуст во лекувањето како и поради тоа што било утврдено дека терапијата која ѝ била дадена не била причина за смртта. Родителите на Јана во медиумите тврдеа дека нејзината состојба драматично се влошила откако ѝ биле администрирани инфузии со гликоза.

„Целосно е неоправдано континуирано да се создава јавно мислење дека сите лекари во нашата земја, вклучително и во болницата во Битола, работат нестручно и несовесно. Процесот на создавање на лекар трае долго време и бара посветеност, континуирано учење и залагање, што е голема инвестиција на самиот лекар, неговото семејство, но и на образовниот и здравствен систем. Истакнуваме дека најголем дел од лекарите професионално, одговорно, стручно и посветено секојдневно се грижат за здравјето на пациентите во условите кои постојат во здравствениот систем. Не постои доктор кој не сака да го излекува својот пациент“, велат од Лекарската Комора во соопштението до медиумите.

Мајката на петгодишната Јана, Кристина Христовска за „Слободен печат“ вели дека остануваат на тоа дека е направен пропуст.

-Нас никој не може да не сопре да зборуваме, а вие медиумите ако се плашите од Лекарската Комора да пренесувате тоа е друго. Вистина е дека нема основа за кривична пријава според извештајот од Судска медицина, ама нашиот адвокат ќе бара дополнително вештачење. Судска медицина навела дека е можно Јана да имала ран почеток на дијабетес, а не го поврзуваат тоа со гликозата што ѝ беше дадена. Од друга страна, е нормално од повраќање да се покачи шеќерот, а тие на покачен шеќер ѝ дадоа гликоза и шеќерот се качи на 19. Многу брзо обвинителката го отфрли предметот на Јана, не оставајќи ни простор и време да бараме други докази како оштетени. Судска медицина напишале дека нема лекарска грешка, дека причината за смртта била бронхопневмонија со зафаќање на срцевиот мускул. Јана немаше симптоми на бронхопневмонија. Сите ги знаеме симптомите ќе имаше подолго време температура, кашлица но немаше ништо од тоа. Баш е чудно што крвната слика која ја земавме во првата просторија во која отидовме во болницата, беше во ред. Ништо немаше покачено, ни ЦРП ни леукоцити, тие се вообичаено покачени при бронхопневмонија. Ние зборувавме со доктори од странство и тие велат дека не може да има воспаление на организмот а во крвта тоа да не се покаже, вели за „Слободен печат“ Христовска.

Судска медицина во своето вештачење утврди дека кај лекарите во битолската болница за случајот со Јана не постои несовесност или примена на неподобно средство или начин на лекување. Постапките на сите здравствени работници според судските вештаци биле во склад со сите правила и начела на медицината. Детето било примено, била земена анамнеза и бил извршен комплетен преглед. Кога ги добиле резултатите од лабораторија, лекарите од болницата во Битола веднаш се посомневале на воспаление на срцевиот мускул поради што Јана била префрлена на интензивно лекување. Лекарите почнале да организираат транспорт во установа со поголема стручност за лекување на ваков вид на заболувања, но неочекувано болеста добила забрзан развој со откажување на работата на срцето на петгодишната Јана. Реанимацијата не била успешна.

Од Лекарската Комора во соопштение до медиумите велат дека ако се критикуваат лекарите од јавното здравство, тоа ќе создаде услови да си одат во приватното.

„Иако јавното здравство се соочува со предизвици во однос на расположливите ресурси, докторите од Клиничка болница во Битола, а и во сите други јавни здравствени установи, секојдневно се обидуваат да пронајдат начини како да се подобрат условите, да не се затвораат одделенија и да им се овозможи на пациентите подобра здравствена заштита со поголемо обострано разбирање и трпение. Неоправданиот притисок што се прави врз лекарите создава услови за нивно заминување од јавното здравство, што е примарно на штета на пациентите“ велат оттаму.

Лекарската комора смета дека медиумите и новинарите треба да пренесуваат проверени информации од официјални извори, со почит кон пациентите и нивната приватност, а не шпекулации.

„Изразуваме жалење и разбирање за болката на пациентите и нивните семејства, но потенцираме дека состојбите нема да се подобрат со ширење говор на омраза кон лекарите и споделување на нестручни проценки и тврдења. Надлежните институции се единствени во земјата коишто даваат официјално, стручно мислење врз основ на факти и тие се единствен извор на точни и прецизни информации за настанатата состојба. За одржливост на здравствениот систем ја истакнуваме важноста лекарите и пациентите да ги почитуваат одлуките на институциите, а истите да постапуваат ажурно и кога ќе се утврди лекарска грешка, но и кога лекарот ќе биде неосновано напаѓан и обвинуван“, велат од Лекарската комора.

Извор Слободен печат

Total
0
Shares
Поврзани објави