Сали: Хемофилтрацијата во клиниката „Жан Митрев“ се користела како „волшебен“ третман

Стручна комисија ќе даде финално објаснување кога се користел методот, врз основа на документи, рече министерот Сали во вечерашниов поткаст „Разговор во редакција“

Не стивнуваат реакциите во јавноста по објавувањето на документарецот „Нечиста крв“ од Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ). Во него се фрла сомнеж врз работата на приватната клиника „Жан Митрев“. Министерот за здравство Беким Сали во вечерашниов поткаст „Разговор во Редакција“ вели дека хемофилтрацијата во клиниката се користела како „волшебен“ третман за било каков проблем во организмот.

„Стручна комисија ќе даде финално објаснување кога се користел методот, врз основа на документи“, рече Сали.

Од клиниката, преку соопштение порачаа дека ги охрабруваат сите инспекциски органи да ги извршат потребните контроли.

„Ќе им биде доставена целокупната документација со која располагаме, со цел надлежните стручни органи да ги побијат сите невистини и небулози кои беа изнесени во јавноста“, истакнуваат од „Жан Митрев“.

Инаку, во соопштението од „Жан Митрев“, објавено на нивната веб страница и на социјалната мрежа Фејсбук, се вели дека во Клиничката болница не се вршени клинички испитувања, а објавената публикација не е и не може да претставува клиничко испитување. Всушност, станува збор за научен труд со сублимирани лабораториски резултати и искуства од употреба на оваа метода за лекување.

„Во нашата здравствена установа се лекувани голем број на пациенти од КОВИД-19, а само кај дел од нив е користена хемофилтрација, по оцена на одговорните лекари за секој конкретен случај одделно. На пациентите кај кои не е вршена хемофилтрација им се вратени претходно авансираните парични средства за хемофилтрација, за што постои уредна книговодствена документација. Навистина не ни е јасно зошто не се пишува за сите оние успешно излекувани пациенти од КОВИД – 19 кои биле примени со најтешка клиничка слика, а токму поради лекувањето со хемофилтрација нивните животи биле спасени“, се додава во соопштението од „Жан Митрев“ и се додава дека Клиничката болница веќе 22 години работи согласно законите и прописите на оваа држава и така и ќе продолжи.

Total
0
Shares
Поврзани објави