Сергеј Лавров сака да дојде на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје, Османи стравува за иднината на организацијата

Актуелниот претседавач, шефот на дипломатијата Бујар Османи, денеска ја посети локацијата – салата Борис Трајковски во Скопје каде ќе се одржува најголемиот меѓународен собир во историјата на земјава.

Но, ОБСЕ, во своето речиси 50 годишно постоење можеби е во најголемата криза досега.

„Агресијата врз Украина ја предизвика и самата организација (ОБСЕ) така што нивото на доверба меѓу земјите-учеснички е на историско ниско ниво и одлуките кои се носат во ОБСЕ со консензус не можат да се донесат – не само одлуки за политиките, туку и за основните функции на организацијата, а тоа е дека, за првап, се соочуваме со немање претседавач за идната година“, изјави министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

На собирот ќе учествуваат 76 делегации, 57 од земји-членки на ОБСЕ и останатите држави-партнери на организацијата. Се очекуваат повеќе 1 000 гости во делегациите – Османи се надева дека ќе дојдат министрите на најмоќните држави во светот – САД, Велика Британија, Франција, Германија… Дали ќе дојде и првиот човек на руската дипломатија Сергеј Лавров чија земја е под санкции поради агресијата врз Украина.

„Добив писмо пред неколку денови од рускиот министер за надворешни работи во кое тој изразува барање да се обезбеди негово присуство во Скопје. Има одредени предизвици околу тоа барање зашто воздушниот простор на С Македонија и на нашите соседи е затворен за руски државни летови така што тука треба да се направат логистички напори… Инаку, по правило, сите земји членки треба да присуствуваат на овој Советна ОБСЕ, но сепак тоа ќе зависи да се донесат одлуки во наредните денови. Се надевам дека сите ќе успееме да бидеме во Скопје“, додаде Османи.

За настанот, чија организација финансиски ја покрива Македонија, да помине „мазно“, според Османи, ангажирани се сите расположиви државни ресурси – од безбедносните служби до армијата…

Дали има опасност ОБСЕ, поради внатрешната криза во која се наоѓа, да згасне токму за време на македонското претседавање?

„Теоретски постои таква можност, но не верувам дека земјите тоа ќе го дозволат зашто ОБСЕ се покажа како додадена вредност – ОБСЕ е најголема безбедносна регионална во светот со 1,3 милијарди жители“, рече Бујар Османи, министер за надворешни работи.

Иднината на ОБСЕ ќе биде појасна по Министерскиот совет што на крајот на месецов ќе се одржи во Скопје.

Total
0
Shares
Поврзани објави