Сириските бунтовници објавија дека ја презеле контролата врз главниот град Дамаск, откако во последните денови започнаа молскавична офанзива која брзо напредуваше низ земјата.
Видеа што кружат на социјалните мрежи ги прикажуваат бунтовниците во дворот на претседателската палата и на влезните порти.
„Дамаск сега е ослободен од Асад“, објавија бунтовниците на социјалните мрежи на 8 декември, мислејќи на претседателот на Сирија, Башар ал – Асад, чие семејство управуваше со земјата повеќе од 50 години.
Не се знае каде се наоѓа Асад, иако Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Британија соопшти дека Асад полетал од Дамаск рано на 8 декември. Не е наведено каде летал Асад.
Тој извештај не можеше да биде потврден, но сирискиот премиер Мохамад Гази ал Џалали во видео рече дека владата е „подготвена да соработува со секое раководство избрано од народот“.
„Ние веруваме дека Сирија е за сите Сиријци, дека е земја на сите нејзини синови и дека оваа земја може да биде нормална држава која гради добри односи со соседите и со светот без да влегува во какви било регионални сојузи и блокови“, рече Џалали, додавајќи дека се уште е дома во Дамаск и не побегнал.
Абу Мохамад ал Голани, водач на бунтовничката група Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС), изјави доцна на 7 декември дека бунтовничките борци се „во последните моменти на ослободувањето“ на Хомс, град со 775.000 жители.
ХТС се смета за терористичка група од Соединетите Американски Држави (САД), Велика Британија, Канада и Европската Унија(ЕУ).
Во Вашингтон, прес-службата на Белата куќа за РСЕ изјави дека претседателот на САД, Џо Бајден и неговиот тим „внимателно ги следат вонредните настани во Сирија и се во постојан контакт со регионалните партнери“.
Русија има повеќе воени локации во Сирија, вклучително и воздушна база во Хмејмим и стратешки поморски објекти во Тартус, кои исто така се користат за поддршка на акциите на Кремљ во Африка.
Изненадувачката офанзива почна на 27 ноември при што коалицијата на бунтовнички групи предводени од ХТС го зазеде северниот град Алепо, вториот по големина град во Сирија.
Оттогаш, тие продолжија да заземаат други големи градови, а силите на Асад пружаа мал отпор.
Обединетите нации на 6 декември соопштија дека речиси 300.000 луѓе во Сирија се раселени од крајот на ноември поради борбите и дека до 1,5 милиони би можеле да бидат принудени да избегаат додека бунтовниците напредуваат и му нанесуваат загуби на Асад, како и на неговите руски и ирански сојузници.
Асад се потпира на Иран и Русија за да остане на власт од избувнувањето на конфликтот во 2011 година.
Случувањата во Дамаск ги поттикнаа соседите на Сирија да преземат итни мерки, при што Либан објави дека ги затвора сите копнени гранични премини со Сирија, освен преминот што го поврзува Бејрут со Дамаск.
Јордан го затвори и граничниот премин со Сирија.