Слободно изразете ја вашата припадност – порака од Османи до Македонците во Албанија

Министерот за надворешни работи Бујар Османи упати порака до Македонците во Албанија на пописот којшто се спроведува во земјата слободно да ја изразат и да ја потврдат нивната етничка, јазична, религиска и идентитетска припадност.

Во обраќањето до Македонците во Албанија, Османи вели дека тоа  претставува основно природно право на секој поединец и со генерации наназад опстојува на овие простори.

„Ви се обраќам затоа што сакам да бидете уверени дека овој попис овозможува слободно да ја изразите вашата етничка, јазична и религиска припадност. Со оваа демократска придобивка Албанија е препознатлива во светот по своето мултиетничко и мултикултурно општество, нешто што, исто како и кај нас, претставува непроценливо автентично културно наследство. Драги Македонци препознавајќи ја вашата улога како лојални граѓани на Албанија ве охрабрувам на претстојниот попис слободно да се изразите и да ја потврдите вашата етничка, јазична, религиска и идентитетска припадност која претставува основно природно право на секој поединец и со генерации наназад опстојува на овие простори“,вели Османи.

Османи во пораката вели дека Македонците во Албанија не треба да ги загрижуваат различните пропаганди кои деновиве се актуелни, кои не водат сметка за нивните чувства.

„Не треба ништо од тоа да ве загрижува. Албанија е слободна земја каде секој може слободно да го изрази и негува својот идентитет без да се грижи за било какви последици од тоа. Со тоа вие дополнително ќе ја потврдите вашата незаменлива улога во градењето мостови на пријателство меѓу двете држави“,рече Османи.

Во обраќањето, Османи ги нагласи добрите односи што Северна Македонија ги има со Албанија, додавајќи дека земјите се повеќе од соседи. Ние, како што рече Османи, ќе останеме во интензивна комуникација со вас, исто како и со институциите на Република Албанија, меѓу другото и за прашања кои ве засегаат вас Македонците. Продолжуваме активно да се ангажираме за заштита и промовирање на овие права на ист начин како што тоа го правевме и до сега, додаде Османи.

Во врска со пописот во Албанија, вчера претседателот на бугарската организација Фондација „Македонија“, Виктор Стојанов, преку објава на Фејсбук до жителите на Општина Пустец упати порака дека ако на пописот не се регистрираат како етнички Бугари, бугарските пасоши ќе им бидат повлечени во најкус рок.

На почетокот на неделава, пак, кога и официјално започна пописната операција во Албанија, Фондацијата „Македонија“ преку својот официјален фејсбук-профил упати апел до жителите со бугарско државјанство во оваа земја на пописот да не го прескокнуваат прашањето за етничка припадност и да се пишат како етнички Бугари.

Албанија го започна пописот на населението на 18 септември годинава, а според најавите, процесот на собирање на податоците од терен треба да заврши за шест недели, односно на 30 октомври. Прелиминарните резултати од пописната операција се очекуваат во јуни следната година.

Total
0
Shares
Поврзани објави