Спасовски: Истрагата за убиството на Вања и Панче не може да ја водиме во медиумите, туку во Обвинителството

Истрагата за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски не може да ја водиме во медиумите, таа мора да се води во Јавното обвинителство, рече денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски одговарајќи на новинарски прашања во кои се бараа дополнителни информации за овие две убиства.

„Со поднесувањето на кривичните пријави целата истрага оди во Основното јавно обвинителство (ОЈО). Сите овие детали се разгледуваат во ОЈО на основа на прибраните податоци или на податоци кои ќе ги прибере Јавното обвинителство. Така да не би можел да споделувам повеќе информации и тоа не е добро за истрагата заради тоа што не можеме да ја водиме во медиумите, таа мора да се води во Јавното обвинителство“,рече Спасовски на прашањето што се случувало со возилото на Жежовски од моментот кога е земено од него до моментот кога е користено на 27 ноември.

За информациите дека инспектор што е поврзан со истрагата дал информации, не на медиумите, туку буквално на познаници и пријатели и дека низ цело Скопје се шират фотографии и разни информации кои може да ја компромитираат истрагата, Спасовски рече дека во изминатиот период имало многу информации, многу шпекулации, политикантства, на сè она што произлегува од целиот овој аспект.

„Затоа уште повеќе потврдувам дека тоа не е добро. За каква било активност којашто е нелегална и од кого било, дали е инспектор или е кој било друг, секако дека ќе се сноси одговорност доколку постои такво нешто. Меѓутоа, не би сакал на ниво на шпекулации, посебно не за еден ваков случај да зборуваме“,додаде тој при неговата денешна посета на СВР Куманово.

Спасовски сличен одговор даде и на прашањето околу коментарите на правниците дека со изјавите во кои Палевски се посочува како главен извршител на овие две убиства може да му помогнат во одложување, односно во процесот на екстрадиција во Македонија.

„Кога е во истрага, сите шпекулации и сè она што ќе го изнесуваме во јавноста само може да ѝ штети на истрагата“,кратко одговори Спасовски.

Без конкретен одговор, повикувајќи се на тоа дека за случајот се води истрага, Спасовски беше и за прашањето дали има нови осомничени, каде што посочи дека за сите детали и информации, кои ќе ги утврди Јавното обвинителство, уверува дека ќе ја информира јавноста.

Прашан дали се обезбедени нови парчиња оружје, односно дали се најдени и дали балистиката покажала дека едно од тие кои веќе ги имаат е користено при извршување на кривичните дела и дали кривичните дела се извршени со едно оружје, Спасовски рече дека сите тие информации и вештачењата ќе бидат доставени до Јавното обвинителство во моментот кога ќе бидат завршени.

Total
0
Shares
Поврзани објави