Судот во Белград го „замрзна“ имотот на семејството Кецмановиќ – нови детали

Вишиот суд во Белград донесе решение со кое на таткото на Коста К., тинејџерот што уби девет соученици и чуварот на училиштето, му се забранува да располага со недвижниот и движен имот чиј сопственик е тој. Одлуката за определување привремени мерки е донесена на предлог на семејствата на убиените деца во Основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград.

Како што соопштија од Вишиот суд во Белград, станува збор за стан во Белград, делови од деловен простор во Белград и патничко моторно возило. Оваа мерка наводно ја побарале семејствата на убиените деца, а ќе трае до правосудната разврска на кривичната постапка.

Српските медиуми откриваат дека една работа што ја направил таткото на Коста К. кој е во притвор, го привлекла вниманието на судот и на адвокатите на родителите на убиените деца, по што следувала брза реакција. Судот реагирал откако Владимир Кецмановиќ побарал нотар да дојде да го посети во притвор. Неговата намера била да ја завери потребната документација, за да може да располага со својот имот, дознава Блиц.рс

Според неофицијални информации на порталот Нова.рс, пак, семејството на тринаесетгодишното момче, кое го изврши масакрот во основното училиште на Врачар на 3 мај, минатата недела дало полномошно на нотар целиот имот од нивно име да се пренесе на нивни роднини. Но, семејствата на убиените деца во основното училиште „Владислав Рибникар“ решиле да поднесат приватни тужби против таткото и мајката на момчето и да побараа од судот привремено да им го одземе имотот.

На почетокот на јуни на таткото на Коста К. притворот повторно му беше продолжен за 30 дена. Тој се товари за кривично дело – тешки кривични дела против општата безбедност, за кое му се заканува затворска казна од 12 години! Коста К. кој според законот кривично не одговара за делото бидејќи нема наполнето 14 години е сместен на Психијатриската клиника за деца и млади во Белград.

Total
0
Shares
Поврзани објави