Автобусите на ЈСП утринава останаа во своите бази во Автокоманда и Ѓорче Петров, а скопјани без превоз. Вработените порачаа дека нема да сообраќаат на линиите се додека не ја добијат својата плата. Нервозно пред камерите изјавија дека им се вршат притисоци, а од в.д. директорот Александар Стојковски побараа да не биде партиски послушник туку да се одважи и да им се придружи.
Вработените порачаа дека јавен превоз нема да има се додека не ги добијат своите заработени пари.Велат дека не можат повеќе да бидат дел од партиските препукувања како и дека на вчерашната вонредна седница на советот на Град Скопје добиле информација дека треба да чекаат до 30 октомври да се направи ребаланс на буџетот.
А дел од жителите на град Скопје кои не добиле информација дека денеска нема да има јавен превоз утринава го чекаа својот автобус за да стигнат на работното место. Велат дека долго време чекале автобус, но дека ниту едно возило на ЈСП не поминало.
Вработените во ЈСП најавија дека денеска цел ден нема да има превоз и предупредија доколку не им биде исплатена платата нема да возат ниту наредните денови.