Обвинителството истражува двајца кандидати од Академијата за судии и јавни обвинители

Досиеја за еден поранешен и еден актуелен кандидат на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ се меѓу одземените работи за време на вчерашниот претрес во оваа институција, соопшти Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).

Предметот бил отворен според податоците што обвинителството ги добило од телефонот на осомничениот врховниот судија Наќе Георгиев против кого веќе се води случај за кривичното дело „примање награда за против законито влијание“.

Анализата на телефонот, како што велат, довела до „сознанија што упатуваат на можно сторување на друго кривично дело“.

„Како резултат на тоа, предметниот обвинител со цел да ги испита ваквите индиции оформи предмет со кој достави барање до судијата на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје за одземање на два мобилни телефони од лице вработено во Академијата за судии и јавни обвинители, како и видеозапис и две досиеја за еден поранешен и еден актуелен кандидат на Академијата“, велат од Обвинителството.

Во соопштението од ОЈО ГОКК нема детали дали од која генерација е поранешниот кандидат на Академијата, ниту дали веќе е избран судија или обвинител, како и за тоа дали актуелниот кандидат е од групата на идни судии или идни обвинители.

Претресот вчера (25 јули) беше извршен со асистенција на крим-полицијата.

„За сите дополнителни активности и детали кои нема да влијаат на постапката обвинителството ќе ја информира јавноста навремено“, додаваат од ОЈО ГОКК.

Во моментов на Академијата се школува осмата генерација.

Total
0
Shares
Related Posts