Екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, излегува од куќен притвор, со одлука на Кривичниот суд, бидејќи истекол рокот од 60 дена во кој можеше да издржува ваква мерка. Сега на Мијалков му се одредени мерки на претпазливост, односно одземен му е пасошот, еднаш неделно треба да се пријавува во суд и не смее да ја напушта државата.
Соопштението на судот:
Имено со решение на Основниот суд Скопје 1 – Скопје при изрекување на пресудата за предметот од обвинителството значен како „Титаник 2“ на обвинетиот му е определна мерка притвор. Со решение на Апелациониот суд – Скопје решението на првостепениот суд е преиначено со тоа што за обвинетиот е определна мерка куќен притвор кој трае до правосилноста на пресудата, а најдолго 60 дена согласно член 481 ст.2 в.в. со член 165 ст.1 т.1 од ЗКП.
Со оглед да рокот од 60 дена истекува на 06.05.2019 година, советот постапувајќи по службена должност утврди дека мерката куќен притвор треба да се укине. Согласно член 481 ст.4 од ЗКП, кога судот ќе изрече во пресудата казна затвор може да определи обвинетиот да се стави во притвор , односно да остане во притвор, ако постојат причините од член 165 ст. 1 т. 1,2 и 3. Притворот во таков случај може да трае до правосилноста на пресудата, но најдолго до 60 дена.
Против ова решение странките имаат право на жалба до Апелациониот суд – Скопје, информираат од Кривичниот суд.