Филипче бара надзор за случајот со нехоспитализиран пациент поради возраст

Министерот за здравство Венко Филипче, побарал од ДСЗИ да извршат инспекциски надзор во ГОБ„ 8 Септември“, поврзано со третманот на пациент заразен со Ковид-19.

-Утрово, од ДСЗИ побарав да извршат вонреден инспекциски надзор за утврдување на возраста на пациентите хоспитализирани во ГОБ „8 Септември“, откако на социјалните мрежи и во медиуми излезе информација дека наводно пациент кој требало да се хоспитализира во ковид центарот во таа болница бил вратен поради неговата возраст. Во ГОБ „8 Септември“ од 107 лежечки пациенти, 38 се на возраст од 68 до 88 години“, вели Филипче.

Тој тврди дека пациент не може да биде вратен, единствено може да биде препратен во друг ковид центар доколку во ГОБ „8 Септември“ ако нема слободен кревет.

„Додека пациентот чека да биде пренесен во друга болница, му се прават потребните анализи и со амбулантно возило се носи во ковид центарот каде има слободен кревет за да биде хоспитализиран“, објаснува Филипче.

Според него, хоспитализацијата на пациентите во ниту еден случај не зависи од нивната возраст бидејќи секој пациент, без разлика колку години е, има подеднакво право на болничка нега и третман.

Total
0
Shares
Поврзани објави