Фламинга долетаа на викенд во Преспанско Езеро

Викендов пет розови фламинга се во посета на Преспанското Езеро. Птиците беа забележани во Езерани каде нискиот водостој им овозможува соодветни услови за одмор за време на миграцијата, соопштија од Македонското еколошко друштво.

Оттаму појаснуваат дека фламингата не гнездат во Македонија, но досега се забележуваат повеќе пати на прелет. Прв податок за нивно присуство кај нас е од деведесеттите години, повторно во Езерани. Овој пат беше забележена една возрасна единка и 4 млади. Бидејќи птиците гнездат во Грција, Албанија и Црна Гора, биолозите не можат да заклучат каде ќе се упатат по престојот во Преспа.

„Добрата состојба на влажните живеалишта како и широките појаси на трска овозможува птиците да не бидат вознемирувани и безбедно да одмораат и да се хранат. Затоа секогаш е возбудливо да се истражува Езерани за време на миграција“ – изјави за Радиомоф ,Данка Узунова, орнитолог од Македонско еколошко друштво.

Покрај розовите фламинга беа забележани јата на бојници, долгоног пескар и сабјарки. Ниту еден вид од овие птици не гнезди кај нас, сите се тука поради миграцијата која се случува со полна пареа. Р.Д.

Total
0
Shares
Поврзани објави