Колегите на Панчевски слушнаа детали од претресот, тој не дојде на колегиум

Во Основниот суд 1 во Скопје за прв пат во неговата историја се одржа колегиум на кој шефот на судот ги информира судиите за претрес кај нивни колега и детали од испитувањето на работата за АКМИС системот. Привремениот претседател на судот Стојанче Рибарев појаснил пред судиите дека знаел дека ќе има претрес кај судијата Владимир Панчевски. Откако бил информиран од Специјалното јавно обвинителство и тој како прв човек на судот, иако привремено до изборот на нов шеф, присуствувал на претресот.
На состанокот биле присутни повеќето од судиите во скопскиот Кривичен суд. Но , по излагањето и реферирањето на Рибарев ниту еден судија не побарал да праша детали околу настаните што го тресат судот.
Излагањето на Рибарев не го слушал Панчевски оти не дошол на состанокот.
Судиите одлучиле само да бидат информирани, но како колегиум и суд до разрешување на постапката околу нивниот колега, која ја води СЈО нема да изградат став.
Судијата Владимир Панчевски како што изјави обвинителката Катица Јанева минатата недела, претресот во неговата канцеларијата бил во рамките на предистражна постапка, заради сомнеж дека се издавале податоци за други лица во јавноста или на други заинтересирани странки, службени податоци од АКМИС-системот поврзани со случаи на СЈО, но и за местење на судски предмети. Од истите причини претрес е спроведен и во неговиот дом. Панчевски уште истиот ден објави снимка од претресот на истражителите обвинувајќи за кражба, за што исто така може да одговара кривично.
Доколку се потврдат овие наводи, тој би бил осомничен за злоупотреба на службената положба и овластување, помагање во извршување на кривично дело, оддавање на службена тајна и повреда на тајноста на постапката за што е предвидена затворска казна.
На колегиумот судиите биле информирани и за детали околу формирањето комисија кога ќе го разгледува АКМИС системот и распределбата на предметите во Кривичниот суд.

Total
0
Shares
Поврзани објави