Обвинителството покрена истрага против сопственикот на дивоградбата кај Мавровка

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба отвори истражна постапка против едно лице поради постоење основано сомнение дека сторило кривично дело – Бесправно градење од член 244-а став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот, во текот на месеците јуни и јули, во својство на инвеститор, градел објект со површина од 330м2 пред трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје, без притоа да добие одобрение за градба од надлежен орган. – соопшти Јавното обвинителство.

Со цел обезбедување на присуството на осомничениот во текот на постапката, надлежниот јавен обвинител денеска до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето/престојувалиштето, обврска да се јавува повремено во Основниот кривичен суд Скопје, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за издавање нова.

Инаку, вчера, со механизација на државните претпријатија, започна уривањето на бесправно изградениот објект кај Мавровка, кое продолжува и денеска. За прв пат во јавноста се јави и сопственикот на објектот Мевљудин Алити. Тој тврди дека постапувал легално и смета дека е жртва на политички игри за да му се одземе атрактивната локација.

Total
0
Shares
Поврзани објави