Репортери без граници: И покрај скокот, Македонија е меѓу последните во регионот

Македонската радио телевизија и натаму известува еднострано, во полза на поранешната владејачка партија, констатира организацијата Репортери без граници, која бара реформи во радиодифузната дејност.

Македонија бележи скок од 14 места на ранг-листата на организацијата „Репортери без граници“ за слободата на печатот. Таа годинава се наоѓа на 95 место. Сепак, и покрај големиот скок, Македонија е меѓу последните од земјите во регионот. Зад нејзе се само уште Црна Гора (104 место) и Бугарија (111 место). Неколку места пред Македонија е Србија, која е на 90 место, и која годинава бележи пад од цели 14 места. Албанија е на 82 место на ранг листата, Косово на 75 место, Грција на 65-то, Хрватска на 64-то, а Босна и Херцеговина на 63 место.

Репортери без граници ја критикуваат Македонија поради неспроведените реформи во радиодифузната дејност. Во оценката на оваа организација се вели:

Високи претставници на власта постојано навредуваат новинари во Северна Македонија. Насилничките напади врз медиумските работници станаа поретки, но долгогодишната култура на неказнивост се чувствува и натаму: само за мал дел од нападите кои се случија во изминатите години се покренати истраги и се идентификувани насилниците. Две години по промената на власта во 2017, сѐ уште ја нема ветената реформа на законот за радиодифузна дејност. Јавниот сервис затоа и натаму известува еднострано, во полза на поранешната владејачка партија. Реформи им се неопходни и на регулативата за клевета и за слободата на информирање

Германија во однос на слободата на печатот бележи стагнација, односно ја има подобрено својата позиција на листата на слобода на печатот за две места – од 15 лани на 13 место годинава, но само поради тоа што други земји забележале пад. Австрија има пад од 5 места и сега е на 16-та позиција.

Најслободно новинарите можат да работат во Норвешка, која како и минатата година е на првата позиција, потоа следуваат Финска и Шведска. Последни на листата на слобода на печат годинава се Еритреја, Северна Кореја и Туркменистан, која бележи пад за две места и сега е на последното 180. место.

Total
0
Shares

USJE
Поврзани објави