Во Струмица пунктот за брисеви за Ковид-19 сместен во станбена зграда

Во станбена зграда во центарот на Струмица е отворен пункт за земање на брисеви за Ковид-19, а внатре се вршат и други услуги за потребите на Центарот за јавно здравје при Здравствениот дом, објавува Нова Тв.

Иако влезот на пунктот каде што се земаат брисеви е од надвор, станарите на зградата со број 39 на улица„Димитар Влахов“  се загрижени и бидејќи, луѓето доаѓаат во контакт со пациентите кога поминуваат од тука, некогаш го грешат влезот, а често седат и на скалите во нивниот влез.

Станарите се претежно стари луѓе, хронично болни, а таму живее и девојка со еден бубрег за која велат е особено ризично ако дојде во контакт со вирусот. Се вознемирени и уплашени и бараат пунктот да се дислоцира бидејќи преставува опасност не само за станарите и за околните куќи.

 “Луѓето чекаат надвор и пред нашиот влез, некогаш седат и на скалите во влезот. Влезот од вратата на пунктот е одалечен само 4 метри и тука некогаш има многу луѓе што чекаат за земање на брисеви. Во влезот сме стари и хронично болни луѓе,  има и девојка со еден бубрег и за неа е особено ризично“, велат станарите исплашени за нивната безбедност.

Пунктот е единствениот каде се прават тестови за Ковид не само за граѓаните од Струмица, туку и од околните општини, како што се Валандово, Радовиш, Штип и Куманово.

Од спротивната страна е општата болница и Брзата помош. Станарите велат дека доколку пунктот не се дислоцира ќе бидат принудени на порадикални мерки, да излезат на протест и да го блокираат влезот на пунктот.

Директорот на Здравствениот дом во Струмица, д-р. Петре Витанов смета дека пунктот не преставува опасност за станарите ниту за граѓаните кои поминуваат од тука бидејќи луѓето што чекаат носат маски и ракавици.

„Тоа се потенцијално суспектни случаи, но доаѓаат и за контролни брисеви по 14 дена изолација, тие што се позитивни. Згора на се ова не е толку фрекфентна улица, на 1,5 киломатар е од центарот на градот„, вели Витанов.

Тој смета дека локацијата е најсоодветна бидејќи од спротивната страна е Брзата помош и општата болница и ако на некој му се слоши веднаш може да се интервенира.

Според него, нема опасност од зараза што медицинската сестра без маска ги носи брисевите до возилото затоа што сталакот со брисеви е дезинфициран. Тој рече дека медицинските лица внатре се со скафандер, а пред да излезат го соблекуваат и го фрлаат бидејќи е контаминиран.

Тој е расположен да организира средба со станарите и градоначалникот на Струмица за да им се објасни да се плашат затоа што нема никаква опасност по нивното здравје. Р.Д.

Total
0
Shares
Поврзани објави