Љупчо Палевски-Палчо, првообвинет за бруталните убиства на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски, денеска преку својот адвокат Јовица Страшевски побара ослободителна пресуда, тврдејќи дека Обвинителството не презентирало ниту еден конкретен и директен доказ што го поврзува Палевски со кривичните дела.
Во завршниот збор пред судот, адвокатот Страшевски истакна дека обвинението се потпира на само 17 докази, кои според него, се неосновани и не ја потврдуваат вината на Палевски.
– Нема трага, слика, снимка, ниту сведок што го поврзува Палевски со грабнувањата и убиствата. Обвинението е изградено врз претпоставки и сведочења со противречности – рече Страшевски, додавајќи дека доколку судот донесе осудителна пресуда, истата ќе биде обжалена до Врховниот суд, а потоа и до Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Адвокатот индиректно го обвини Велибор Манев, еден од обвинетите во случајот, за убиството на Панче Жежовски. Тој посочи дека Манев е оној што снимал фотографии од Жежовски и дека самиот Манев признал дела, но дал различни изјави во текот на истрагата.
Во врска со убиството на Вања Ѓорчевска, Страшевски ги критикуваше полицијата и начинот на кој било откриено телото, посочувајќи дека со откопувањето биле уништени потенцијални докази. Тој исто така ја оспори веродостојноста на снимките од системот „Безбеден град“ и посочи дека во случајот со запаленото возило, за кое се тврди дека е на Жежовски, во документите на МВР стои различен број од оној што бил пронајден на лице место.
– Дали навистина тој автомобил е на Панче Жежовски? Тоа не е јасно, а се претставува како клучен доказ – праша адвокатот.
Судијата Ивица Стефановски неколку пати го опомена адвокатот поради потешкотиите при читање на завршниот збор, но Страшевски продолжи со оспорување на доказите на Обвинителството, особено земјата најдена на гумите на „реното кангу“, која, според него, не се совпаѓала со земјата од местото каде беше закопана Вања.
На крај, Страшевски го нападна кредибилитетот на Велибор Манев и на Влатко Кешишев, оценувајќи ги како сведоци што се спасуваат со лажни признанија.
– Манев изјави дека мислел дека киднапираат 40-годишна жена. Како може да не разликува возрасна жена од 14-годишно дете? – праша адвокатот, потсетувајќи дека Манев дал детални признанија во кои го посочил Палевски како организатор и извршител на двојното убиство.
Судскиот процес е при крај, а јавноста со големо внимание ја очекува пресудата за еден од најшокантните случаи во поновата историја на Македонија.