Ексдиректорот на „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), Васко Ковачевски, кој е еден од осомничените во вчерашната акција „Адитив“, не е достапен за домашните органи на прогон, но полицијата ќе стори сè што е рамките на нејзините надлежности тој да биде изведен пред лицето на правдата. Ова денеска на прес-конференција го соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски одговарајќи на новинарско прашање за шпекулациите во јавноста во однос на тоа каде се наоѓа Ковачевски и дали се откажал од македонското државјанство.
„Посоченото лице е во рамките на регистарот на државјани на Македонија и е македонски државјанин. Согласно информациите што ги поседувам, не побарало отпуст. Не би сакал да шпекулирам каде се наоѓа и би оставил органите на прогонот да постапуваат“,рече тој.
Според него, оваа акција е најголема што е спроведена во Македонија, од аспект на штета на буџетот која е сторена за време на енергетска криза.
„Ова се луѓе на кои им биле доверени високи државни функции од една страна, а од друга страна се луѓе што преку ноќ формирале фирми без вработени. Претходно се занимавале со продажба на канцелариски материјали, а наеднаш стануваат фирми што тргуваат со ваков тип адитиви и заработуваат милионски суми пари. Има и голем број докази дека она што е плаќано е најмалку трипати повеќе од реалната цена“,кажа Тошковски.
Има основани сомненија, како што рече министерот, за фингирани понуди при отпочнување на процесот на јавната набавка.
„Она што е набавено во ТЕЦ ‘Осломеј‘ ниту еден отсто не е потрошено, односно нула отсто од адитивите се ставени во функција. А во другото правно лице, како во РЕК ‘Битола’, 95 отсто од адитивите не се ставени во употреба“,вели министерот.
Упати порака до сите поранешни и сегашни функционери дека нема да дозволат повторно да се случи ваков криминал, како и дека ќе работат на откривање на ваквите дела.
„Криминалот на сметка на народот е недозволив. Сето она кое во постапката е одземено или ќе следува во насока на замрзнување на имот, ќе биде конфискувано. Досега се одземени околу 220 илјади евра во различни валути и доколку се докаже дека овие сомневања што го имаме се поткрепени со криминал, тие ќе бидат конфискувани“,рече тој.
Првичната штета на буџетот, според министерот, е 6,5 милиони евра.
„Не би застанал на првичната вредност, односно постојат сомненија дека она што е набавувани во вредност на злато, а не е употребувано, а тие пет отсто кога биле употребени предизвикале дополнителна штета на блоковите. Доколку се докаже дека е сторена дополнителна штета, таа ќе треба некој да ја плати. А, некој ќе треба да ја плати и предизвиканата штета во енергетскиот сектор“,кажа министерот.