Причините за изборните порази на СДСМ во 2021 г. на тогашните локални избори и на последните парламентарни и претседателски лежат во разлојувањето на членството и не надминатите внатрепартиски пропусти во меѓувреме. Ова денеска го изјави ексминистерката за одбрана и актуелна пратеничка Славјанка Петровска по поднесувањето на кандидатурата за претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во партиското седиште.
Излезот од ваквата состојба во која се најде СДСМ, Петровска како кандидат за највисоката функција во партијата ја нуди во нејзината програма наречена „Манифест за социјадемократијата“, со која ќе ја бара довербата на членството.
„Денеска после 24 години активно членство во Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), врз основа на повикот за самокандидирање, ја имав таа чест и привилегија да ја поднесам кандидатурата за претседателка на СДСМ и заедно со пријавата секако го поднесов и ‘Манифестот за социјалдмократијата’. Тоа е мојата програма во која што се осврнувам на тоа што треба да бидат итни приоритети на новото раководство на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија по големиот пораз којшто го доживеавме на овие избори“,изјави Петровска пред седиштето на партијата.
Осврнувајќи се на последниот изборен пораз, Петровска рече дека СДСМ и во минатото доживувал порази, како и победи, но овој пат вели ситуацијата е специфична, особено, како што рече, имајќи ги предвид и политичките околности во државата, додавајќи дека на ниту една држава, особено на Република Северна Македонија не ѝ треба слаба опозиција или никаква опозиција.
„Затоа сериозен предизвик е, пред сè и над сè, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија да се исправи да продолжи по патот на идеологијата на СДСМ и што е најважно да биде цврста и силна опозиција, за да можеме на таков начин да го гарантираме и патот на Република Северна Македонија“,рече Петровска.
Доколку биде избрана за претседателка на СДСМ, таа посочи дека пред сè ќе биде потребно консолидирање на внатрешни редови, согласно критериумите и принципите на социјадемократијата.
„Во оној период многу кус којшто е пред нас, затоа што очекувам и дека новата влада ќе има набиена динамика, ќе треба пред сè да ги консолидираме внатрешните редови. Во дел од програмата набројувам и итни приоритети кои ќе трба да ги направиме, а кои ќе се однесуваат и на избор на ново раководство, согласно критериуми и принципи кои ќе бидат одлика на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Иако, како што реков доживеавме пораз убедена сум дека социјалдемократијата и идејата за социјадемократијата е жива, исто како што е жива и вербата и надежта дека СДСМ повторно ќе се исправи и повторно ќе победи“,изјави кандидатката за претседател на СДСМ.
Претходно утрово својата кандидатура за претседател на СДСМ во седиштето на партијата ја поднесен ексминистерот за здравство и актуелен пратеник од редовите на СДСМ, Венко Филипче.