Почнува првиот уписен рок на УКИМ – слободни над 9 900 места за студенти во прва година

На Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) денеска и утре се врши пријавување за првиот рок за упис на студенти на прв циклус студии во учебната 2024/2025 година. Процесот се одвива на 23 факултети што се во состав на најстариот и најголемиот универзитет во земјава, каде што се слободни вкупно 9 921 места за нови студенти, од кои 4 761 за редовни студенти кои се финансираат од буџетот, 4 210 за редовни со школарина и 950 за вонредни студенти.

Најголем број слободни места годинава има на Природно-математичкиот факултет (ПМФ) или 1 030, на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) – 1 020 и на Филозофскиот, 895.

На Правниот факултет има 705, а Економскиот факултет е со 700 слободни места.

Цената за партиципација останува непроменета, што значи дека за редовните студенти во државната квота останува 200 евра годишно, а за редовните што ќе ги кофинансираат студиите и за вонредните студенти е 400 евра годишно.

Резултатите од првиот уписен рок на УКИМ ќе бидат објавени на 3 септември, конечната ранг-листа на 6 септември, а на 11 и 12 септември ќе биде запишувањето на примените кандидати. 

Вториот уписен рок на скопскиот универзитет е на 17 и 18 септември и третиот на 27 септември 2024.

На „Св. Климент Охридски“ – Битола има вкупно 2 404 слободни места (1 309 за редовни студенти во државната квота, 679 за редовни со кофинансирање на студиите и 416 места за вонредни студенти). На Државниот универзитет Тетово има вкупно 4 752 слободни места (2 477 во државната квота, 1 615 со кофинансирање на студиите и 660 вонредни студенти). На Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип има вкупно 3 983 слободни места (за редовни студенти во државна квота 2 223, за редовни со кофинансирање на студиите 950 и за вонредни студенти има 810 слободни места ). На Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид има места за 364 бруцоши (200 во државна квота, 90 со кофинансирање на студиите и 74 за вонредни студенти). На Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје слободни се вкупно 1 805 места за студенти (во државна квота 1 260, 325 за редовни со кофинансирање на студиите и 220 за вонредни студенти). 

Инаку, Министерството за образование и наука (МОН) воведе две нови мерки за подобрување на условите за студентите. Зголемен е износот на студентскиот оброк, мерка која ќе ги опфаќа и новите бруцоши кои ќе стекнат статус на студенти до 20 септември.

Дополнително, мерката за стипендии за студии од втор циклус ќе се отвори и за студентите со завршени тригодишни студии од прв циклус, што претходно не беше возможно, а со што ќе има поголеми можности за повеќе од 1 000 студенти.

Total
0
Shares
Related Posts
Повеќе

Владата го задолжи МЗ вo рок од два дена да достави информација по објавената сторија за случувањата поврзани со Клиничката болница „Жан Митрев“

Министерот за здравство Беким Сали денеска на прес конференција посочи дека е побаран вонреден инспекциски надзор во Клиничката…