Министерството за внатрешни работи (МВР) во координација со јавен обвинител, по претходна судска наредба, од утринава врши претреси на повеќе локации во Скопје.
Според информациите од МВР и од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), цел на акцијата се лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција.
Ова е јасно од соопштението на ОЈО ГОКК во кое се наведува дека акцијата е предводена од јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Обвинителството. Акцијата е во координација со Одделот за сузбивање организиран криминал и корупција при Министерството за внатрешни работи.
МВР и ОЈО ГОКК не изнесоа повеќе детали за акцијата, а подетални информации најавуваат во текот на денот.
Според неофицијални информации објавени во дел од медиумите, во акцијата се опфатени сегашни и поранешни вработени во затворите, меѓу кои и ексдиректорот на истражниот затвор во Шутка, Филип Андонов – Сокол и заповедникот во истиот затвор Сашо Крстевски – Ѕверот.