(Видео) Параглајдерист се заглави на дрво во близина на Љубаништа, интервенираше Планинската спасителна служба од Охрид

Вчера, оперативниот центар на Планинската спасителна служба при Црвен Крст Охрид бил алармиран од посетител на плажата во Љубаништа, барајќи помош за евакуација на параглајдерист, кој принудно слетал на високо стебло во месноста Војтино.

„Според првичните информации, параглајдеристот не бил повреден, но поради висината на стеблото на кое се закачил, не можел самостојно да се спушти. По кратко време, лицето кое нѐ алармира, нѐ поврза со водачот на групата параглајдеристи од Украина, кој ни потврди дека им е потребна помош и ни даде ГПС координати од местото на незгодата.

Веднаш беше мобилизиран еден тим од ПСС, кој со теренско возило и соодветна техничка опрема се упати на терен. Во 20:35 часот, тимот пристигна на самото место, на 1.300 м надморска височина, длабоко во густата букова шума на Војтино, каде ги затекна пријателите на заглавениот параглајдерист, кои претходно 5 часа безуспешно се обидувале да му помогнат.

Веднаш беше поставен систем за извлекување на параглајдеристот, кој беше заглавен на 15-тина метри над земјата. За кратко истиот беше безбедно спуштен и заедно со неговите пријатели транспортиран до асфалтниот пат Охрид – Св. Наум, од каде ги презеде нивно возило.

За жал, поради безбедносни причини, беше невозможно да се спаси и крилото, кое со видливи оштетувања, остана да виси заглавено на високата крошна од дрвото.

Акцијата заврши во 22:40 часот, со безбедно враќање на тимот во оперативниот центар на ПСС во Охрид,“ велат од ПСС Охрид.

Total
5
Shares
Поврзани објави