Полицијата во текот на ноќта спровела апсења на патот кон Сопиште, на раскрсница кај Бит-пазар, во Ѓорче Петров, но и на граничниот премин „Долно Блаце“ каде што еден од членовите на групата се обидел да побегне од државата. Дрогата потекнува од Албанија, а во земјава влегла преку Косово. Целта било да заврши на црниот пазар во Турција
Во текот на изминатата ноќ во Скопје е спроведена акција со која е разбиена меѓународна криминална група која шверцувала марихуана која од Албанија преку Косово влегла во Северна Македонија, а крајна дестинација била Турција.
Во акцијата спроведена од МВР и обвинителството, уапсени се 10 лица и запленети се 40 килограми марихуана вредни над 200 000 евра. Дел од групата биле македонски, албански и косовски државјани. За осомничените Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција бара притвор, а во текот на денот ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка.
Според информациите што ги објавија од МВР и јавното обвинителство, акцијата координирано била спроведена на повеќе места во Скопско.
Дел од апсењата се случиле на локалниот пат за селото Сопиште кога полицајци запреле две возила кои биле управувани од 36 и 30-годишен маж од селото Никиштане.
„Првото возило имало задача да биде ’чистач‘, односно да известува за присуство на полициски патроли, а при извршениот преглед во багажникот од второто возило била пронајдена вреќа во која биле спакувани 27 пакувања со марихуана“, велат од МВР.
Истовремено, на крстосницата кај трговски центар на подрачјето на Бит-пазар, пак, интервентната полиција уапсила три лица: едно од селото Ѓирокастро во Албанија, едно од Скопје и едно од Тетово. Координирано, во Ѓорче Петров бил уапсен уште еден член на групата од селото Грчец.
На граничниот премин „Долно Блаце“, пак, бил уапсен косовски државјанин во обид да побегне од државата.
Претреси на неколку места: Пронајдени и машини за копање биткоини

Биле спроведени и претреси на неколку локации каде биле уапсени и останатите членови на групата. Во селото Патишка Река имало претреси на две локации, а уапсени се две лица за кои веќе имало распишано потерници.
„Од слобода биле лишени две лица, и тоа М.А.(19) од с. Патишка Река и К.К.(31) од Скопје. За М.А. биле распишани три Централни потерници, по три судски наредби, веќе осуден на 2 години казна затвор и дополнителна мерка притвор, додека К.К. се барала по Централна потерница и судска наредба со определена мерка притвор, а при претресите биле пронајдени уште 26 пакувања марихуана“, велат од МВР.
Друг претрес имало во селото Никиштани, кај едно од лицата што биле уапсени на патот кон Сопиште. Кај него биле пронајдени машини за копање крипто-валути, со кои се вршела кражба на струја.
Претреси имало и на подрачјата на Карпош и на Бит-пазар каде што, велат од МВР, биле пронајдени предмети поврзани со кривични дела.
Од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција велат дека уште денеска ќе донесат наредба за спроведување на истрага против десетте лица за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.