Во пензија ќе заминат 60 судии и 13 обвинители, многу судски постапки ќе почнат одново или ќе застарат

Ако не бидат изгласени измените на Законот за работни односи ќе им заврши работниот век на судиите и обвинителите кои се пред пензионирање, изјави министерот за правда Никола Тупанчески кој рече дека не може да каже како ќе се одвиваат работите во Собранието и кога ќе продолжи седницата што вчера беше прекината, но дека е извесно дека тоа нема да се случи денеска затоа што пратениците ќе расправаат за интерпелацијата на собранискиот претседател Талат Џафери.

– Последното што го слушнав е дека седницата е прекината. Прекината седница не значи завршена седница. Не знам како ќе се одвива денешниот ден, нели во 11 часот е закажана седница за интерпелација на спикерот. Меѓутоа, дефинитивно во таа насока се движат состојбите. Тоа ќе значи дека ќе има сериозни импликации затоа што одењето во пензија на судиите и на јавните обвинители ќе значи дека голем дел од постапките ќе треба да почнат одново. Да не заборавиме, не се работи за една или за две постапки кога се менува судијата во постапката тогаш процесот започнува одново, рече Тупанчески.

Тој додаде дека не знае колкав е во моментов бројот на судските постапки кои би почнале повторно, но нагласи дека не се работи за мала бројка.

–  Да не заборавиме, како дамаклов меч, ни виси институтот на застареност, дел од постапките кои што се во тек или кои што се движат може да имаат одредена застареност во однос на нивниот правен епилог, рече тој.

Тој објасни дека иницијативата на владејачкото мнозинство со која треба да им се продолжи работниот векот на 60 судии и 13 обвинители предвидено е да се направи со законско продолжување на рокот на нивното пензионирање.

– Планирано е да се овозможи со пократка обука во Академијата за судии и јавни обвинители, вели Тупанчески.

Во правосудството, објасни министерот има голем број на стручни соработници, кои ги исполнуваат условите да станат нови судии и обвинители, но и дека не можат тоа да го остварат затоа што треба да се направат измени во регулативата.

– Втората опција е да се зголеми бројот на слушатели на Академијата за судии и јавни обвинители, исто така некој вид на бајпасирање на актуелната состојба и третата опција беше оваа со измени на Законот за работни односи меѓу другото да се продолжи, меѓутоа потенцирам да се продолжи три години работниот век на судиите и јавните обвинители. Ова го велам затоа што првпат во историјата на државата се случува во еден ваков момент олкав голем број на судии и јавни обвинители да одат во пензија, рече Тупанчески.

Според податоци на УПОЗ има над 300 стручни соработници во судовите и во јавните обвинителства, кои ги исполнуваат условите за избор на судии и обвинители.

 Владејачкото мнозинство вчера не успеа да ги донесе измените на Законот за работни односи. Со пензионирањето на судиите многу тековни судски предмети ќе се вратат на почеток.

Синдикатот на УПОЗ уште пред неколку години, достави предлози до надлежните органи, стручните соработници од судовите и јавните обвинителства со долгогодишно работно искуство да имаат можност, со обука во траење од три до шест месеци, да бидат избрани за судии и обвинители, но не доби одговор за решавање на овој проблем.

Според предлог-измените на Законот за работните односи, чиј предлагач е Министерството за труд и социјална политика, продолжувањето на работниот век на 60 судии и 13 обвинители до 67 години старост е од суштински јавен интерес и ќе овозможи моментално непречено извршување на судската власт како есенција на владеењето на правото.

Џафери вчера ја одложи седницата на неодредено време, иако денеска е последниот рок кога измените требаше да бидат донесени за да се спречи пензионирањето на судиите и обвинителите.

Total
2
Shares
Поврзани објави
Повеќе

Русковска – Во тек е спогодба со Мијалков за „Империја“, три години затвор и 30 милиони евра вреден имот да се заплени 6 милиони да уплати на државата

Главната обвинителка на Обвинителството за спречување организиран криминал и корупција, Вилма Русковска изјава дека во тек е спогодбата…