Дали со градба на хотел се отвора пат до плацевите на Водно на Груевски и Камчев?

Жителите од улиците Козара, Питу Гули и Салвадор Аљенде на Водно во Скопје, бараат градоначалникот на Центар Горан Герасимовски да го поништи одобрението за градба на фирмата „Маркеза“. Пред Нова година, инвеститорот почна да го сече зеленилото и да го оградува просторот за да гради објект според одобрение за градба издадено до ексградоначалникот Саша Богдановиќ. Парцелата се наоѓа веднаш до парцелите на експремиерот Никола Груевски и семејството Камчеви за кои сега се води судски процес.

Граѓаните на Питу Гули во шок, што се крие зад издаденото Одобрение за градба?

Пресек на главни откритија

  • Одобрениe за градба е дадено за еден спрат повеќе од дозволеното, замаскирано во „галерија”.
  • Парцелата на која е дадено одобрение за изградба нема пристап до јавен пат, што значи дека не е изведена и не е можно по легален пат да се изведе никаква инфраструктура. Единствен начин за да се добие пристап е да се изгради нова улица на ридот која не е во Програма за уредување на градежно земјиште за 2022 година. 
  • Според проектната документација не се работи за објект со намена А0 -домување со посебен режим или подетално „луксузно домување на едно семејство” туку за многу поголем објект од можни категории А3-заедничко домување (дом за стари лица) или А4-времено домување (мотел, преноќувалиште) па дури и за хотел (Б5).

Ова е видно од бројките кои се предвидени во проектната документација:

  • 20 паркинг места на две нивоа, o   лифт со големина за 6 лица, o   20 посебни собни единици, o   30 купатилски умивалници,
    • 30 огледала и етажерки над и под секој умивалник, o   30 моноблок шолји, o   30 батерии за умивалниците, o   21 туш батерии за топла и ладна вода, o   26 ЕК вентили за машини за алишта и садови,
    • 13 ЕК вентили за кујнска батерија, o   13 бојлери

Според проектот за архитектура во објектот се предвидени 10 спални соби и 7 купатила, а според проектната документација се предвидени 20 спални соби и 30 купатила. Општината не направила проблем за ова несовпаѓање според кое јасно се гледа дека објектот нема да биде семејна куќа туку ќе биде или мотел, преноќувалиште, дом или хотел.

На 18 март 2022 година, жителите на Питу Гули, улицата која се наоѓа веднаш под озлогласените „Плацеви на Водно“ – во моментов предмет на судски процес, поднесоа барање за поништување на Одобрението за градење издадено на Маркеза ДООЕЛ од страна на претходниот градоначалник на Општина Центар, Саша Богдановиќ (решение УП1 бр. 27-341/2020 од 07.04.2021 година).  

Во прилог, сумирани аргументите кои ги содржи барањето за поништување на горенаведеното Одобрение.

Одобрението е издадено спротивно на Деталниот урбанистички план за овој дел. Согласно со Извод од план за градежна парцела бр 10.75 – тука, дозволената максимална катност е П + 1 + Пк. Планираната градба во основниот проект врз основа на кој е издадено одобрението за градење – предвидува еден спрат повеќе од дозволеното – кое Инвеститорот се обидел да го замаскира со поимот „галерија“, инаку термин кој е непостоечки во Законот за градење. Спратот додаден како „галерија“ има функционална висина (2,65 м), додадена над висината од 3,35 м на приземјето. Општината направила превид и така приземјето станало спрат со висина од 6 м. Со наводната „галерија“, Општината на Инвеститорот му дозволила да добие уште еден спрат од градбата, што е спротивно на параметрите утврдени со ДУП-от.

Општината доделила Одобрение за градба, без да овозможи пристап до истата, што е спротивно на член 94 од Законот за градежно земјиште. Во фактичката состојба не постои пристап до самата парцела. Во моментов, ДУП-от предвидува „Улица 5“ како пристап до парцелата, но таа во реалноста не постои, а не постоела ниту во моментот на извадање на Одобрението во прашање. Општината ја нема предвидено изведбата на оваа улица во својата Програма за уредување на градежно земјиште за 2022 година.  

Дополнително на горенаведеното, не е јасно како на Инвеститорот ќе му се овозможи поставување на водоводна, фекална и атмосферска канализација и друга инсталација со приклучоци до градежната парцела. Според Решението за хидротехнички услови дадено во постапката за издавање на Одобрение на ул. Питу Гули постои само водоводна мрежа, а треба да се изведе фекална и атмосферска мрежа. Нејасно е каде се предвидува да се приклучи објектот на Инвеститорот на фекална и атмосферска канализација, знаејќи дека водовод нема примено дека на ул. Питу Гули постои фекална и атмосферска канализација. Согласно постоечката хидротехничка инфраструктура, кога Инвеститорот би започнал со градба, за да користи градежна вода би му била потребна изведба од 22 м водоводна мрежа, која не е јасно ниту кога, ниту на кој начин има намера да ја изведе – со оглед на тоа дека за да ја изведе треба да направи ископ на постоечката улица, а за тоа му е потребно посебно одобрение од Општината.

Најинтересно во проектната документација е дека произлегува дека одобрението е издадено за градба која СУШТИНСКИ има друга намена од таа за која е издадено одобрението, а која намена Инвеститорот се обидел да ја скрие. Проектната документација покажува објект или за заедничко домување (А3) или за времено домување (А4), па дури можеби и за хотел (Б5). Во секој случај не покажува објект со намена А0-домување со посебен режим. Ова се гледа од предвиденото во проектната документација, како на пример: 20 паркинг места на две нивоа, лифт со големина за 6 лица, 20 посебни собни единици, 30 купатилски умивалници, 30 огледала и етажерки над и под секој умивалник, 30 моноблок шолји, 30 батерии за умивалниците, 21 туш батерии за топла и ладна вода, 26 ЕК вентили за машини за алишта и садови, 13 ЕК вентили за кујнска батерија, 13 бојлери. Општината не увидела дека постои целосно несовпаѓање на овие бројки со проектот за архитектура каде не е јасно на пример, каде ќе биде сместена оваа санитарија бидејќи истиот предвидел 10 спални (од кои манипулативно 8 ги нарекол детски) и предвидел 7 купатила (тоалети). Истото важи и за проектот за електрика кој не се совпаѓа со архитектонскиот.

Дополнително, со Одобрението за градење на Инвеститорот му се одобрува објект од втора категорија, со намена А0 – домување со посебен режим, која намена на градба, со влегување во сила на Правилникот за урбанистичко планирање, согласно член 77 од истиот,, повеќе не постои.

За крај, во Основниот проект приложен во докуменатацијата врз основа на кој е издадено Одобрението за градење содржи дополнителни бројни пропусти, недостатоци и грешки, во однос на пропишаните висини за спратовите, приодот за возилата и како тие ќе влегуваат во двоспратниот подземен паркинг, проектот кој е на ниво на идеен проект не ги отсликува сите проекти и сите фази, на ниту едно место во проектот не се внесени подни коти – ниту на пресеците ниту на основите, не се ставени скалите во изглед, а дадено е одобрение за фаза 1 – каде се очекува да се изградат скали до приземје, проектот за статика не соодветстува со проектот архитектура. Овие бројни пропусти се причини заради кои вообичаено стручните служби би вратиле проект.  

Во моментов постојат нерешени прашања со соседните парцели кои дополнително ги отежнуваат прашањата околу ова Одобрение. Општината периодов, повеќекратно ги вознемири жителите на улицата, вршејќи притисок врз нив, веројатно со цел да надокнади за своите пропусти при доделувањето на ова Одобрение.  

Инвеститорот бара начин како да си обезбеди пристап за да отпочне со градење преку поднесување на пријави до општината за непосредните соседи се со цел да си отвори пристап преку 50 години уредувани површини кои се единствена патека до ридот по кој треба да помине тешката механизација.  

Општината веќе постапува согласно неговите барања и неколку пати на терен одат инспектори за да пронајдат пропуст во имотните листови на непосредните соседи.

Соседите кои живеат таму повеќе од 50 години се изложени на постојани притисоци и трошоци за изработка на елаборати за да ја докажат точноста на оградувањето на нивните парцели надевајќи се дека општината нема да пронајде слабост која инвестиротот би ја искористил за да добие пристап.

соопштение од жителите на улица Козара, Питу Гули и Салвадор Аљенде кои борбата да го заштитат Водно ја водат преку адвокат и најавуваат жестока битка за зачувување на последното парче чист воздух во Скопје и планината

Total
11
Shares
Поврзани објави
Повеќе

ЕКСКЛУЗИВНО ВИДЕО од првата линија на огнот – Пожарникарите иако не се на смена, 40 часа се борат да спасат животи и домови, исплатата на надоместок неизвесна

Почитувани сограѓани, Во вакви моменти во кои непогодите се насекаде низ државата, а некои граѓани претрпеа сериозни материјални…