Разговор со докторот кој го експлантира првото донирано срце во Македонија : Доминираше чувството на бескрајна почит кон делото на донорот

Денеска се навршува една година од првата трансплантација на срце во Македонија, односно денес срцето на покојната Емилија Динева од Дојран продолжи да чука во телото на Иван Огњановски од Скопје. По тој повод разговаравме со д-р Александар Колев, кардиохирургот кој беше дел од медицинскиот тим, кој ја имаше најтешката, но и најхумана задача во операционата сала – да го експлантира срцето на Емилија и да го подготви за трансплантација.

Д-р Колев, кој е првиот кардиохирург во историјата на катедрата по хирургија на Медицинскиот факултет во Скопје, за Македонски Медиа Сервис се потсети на историскиот ден, на чувствата кои ги предизвикал тој момент, на тагата што згаснал млад живот, на восхитот од хуманоста на семејството на Динева, кое собрало храброст во најдлабоките моменти на жалост, но и на необјаснивото чувство на среќа во моментот кога почнало повторно да чука нејзиното срце.

Колкава тежина е да се биде прв кардиохирург во историјата на катедрата по хирургија на Медицинскиот факултет во Скопје?

-Тоа што јас сум првиот кардиохирург на Катедрата по хирургија при Медицинскиот факултет е само случајност и последица на развојот на кардиохирурхијата во Македонија и отворањето на првата Универзитетска клиника за државна кардиохирургија. Тоа е еден процес и идеја која е доста стара и трае седма година. Првата операција беше изведена во 2014 година и оттогаш почна приказната за државната кардиохирургија. Јас бев повикан да се вклучам во проектот и природно следуваше мојата претходно започната специјализација по општа хирургија да ја сменам во специјализација по кардиохирургија која беше првата во Република Македонија на Медицинскиот факултет. Тежината на специјалноста е навистина голема, но како што секогаш се вели, она што се работи со љубов, со елан, со желба е полесно од нешто што се работи со сила.

Во кој момент сфативте дека сакате да станете хирург и зошто кардиохирургија?

– Хирургијата ми беше желба уште кога се запишав на Медицинскиоот факултет. Претпоставувам дека тоа е во склад со мојот карактер. Таа е поконкретна, побрза и поакутна во решавањето на проблемите со кои се соочуваме. За разлика од други дисциплини кои често значат долгорочно следење, хроничен третман на пациенти, посебно во интернистичките гранки на медицината, хируршките гранки значат решавање на проблемот адхок, на лице место, во моментот, ургентно.

Во текот на студиите, кога размислував која потесна специјалност од хирургијата би ми била поскладна, некако се движеше насоката од пластична хирургија, кон општа и абдоминална хирургија. Мојата кариера ја почнав во Општата болница во Велес каде што работев на делот за општа хирургија. Потоа сосем случајно добив шанса да специјализирам кардиохирургија. Морам да кажам дека во мое време кога бев студент, не можев ниту да сонувам дека еден ден ќе бидам кардиохирург затоа што во тоа време немаше таков оддел кај нас.

Ментор Ви беше проф. Д-р Сашко Јовев. Што научивте од еден од најдобрите хирурзи во Македонија?

-Бев повикан од професор д-р Сашко Јовев да бидам дел од неговиот тим. Апсолутно премногу ми помогна во мојот развој. Тој како одговорен за концепирањето на целиот проект, кога ми се јави на телефон беше во Кувајт, работеше таму на кардиохирургија. Јас хирургијата генерално ја гледам прво како специјалност и како уметност на работа, но и како апсолутен  начин на живот. Мојот ментор ми помогна во сите сегменти на развојот, во тоа како човек треба да пристапи во секојдневниот живот кон професијата, но и во оние најтесни, или скриени тајни на самата професија, оние префинети потези во текот на операцијата. Станува збор за многу прецизна, многу микроскопска хирургија каде што и најмалата грешка може да биде фатална. Задоволство ми е што го имав будното око на проф. д-р Јовев.

Бевте дел од првата и втората трансплатација на срце, што е огромен успех за македонското здравство. Што ова искуство преставува за вас?

– Трансплантацијата на срце е мултидисциплинарна процедура која бара многуброен и сериозен тим со различни специјалности. Во тој контекст, кардиохируршката постапка е еден дел од многу комплексни процедури. Од една страна претставува врв на се што досега во мојата кариера сум работел, но и мотив повеќе. Ние не смееме тука да застанеме, не треба да се задоволиме со тоа што конечно ја ставивме Македонија на мапата на земји кои прават трансплантација на срце. Во овие две трансплантации јас учествував како дел од тимот во експлантацијата на срцето од донорот, но мотивот за мене е еден ден да бидам главниот хирург кој што ќе ги спроведува овие операции.

Колку време се подготвувавте со тимот за трансплатација на срцето, затоа што тоа е комплексна интервенција?

– Самиот процес на трансплантација колку и да ни се случи одненадеж, беше процес кој навистина траеше долго во однос на подготовката, техничкото опремување, медикаментозно опремување… Целиот процес траеше сигурно околу две години кога за првпат професорот Јовев ја постави трансплантацијата на срце како цел на нашата клиника. Тоа значеше многу читање и разгледување на светски протоколи за трансплантација од медицински центри во светот со кои имаме соработка, а кои имаат богата историја во овие оперативни зафати. Ние анализиравме и преведувавме многу протоколи, од германски, од англиски, од хрватски клиники, од клиники во Србија, Словенија. Вториот дел беше техничкото опремување со сите медикаменти, раствори, средства, инструменти за спроведување на трансплантацијата и за постоперативниот тек, така што во последните две години се подготвувавме и знаевме што треба да направиме. Моментот кога дознавме дека имаме донор на срце, бевме психички релаксирани затоа што знаевме што треба да направиме, само требаше тимот да се организира и тоа беше прекрасно направено. Засега ефектот е одличен и од двете трансплантации.

Оваа слика има празен alt атрибут; Името на датотеката е 151567112_10159223135336214_3849492414822581979_o-300x246.jpg

Можете да ги опишете емоциите и чувствата во моментот на експлантацијата на срцето на Емилија?

– Многу мешани емоции. Првично и до ден денес, кај мене и кај целиот тим, доминираше чувството на бескрајна почит кон делото на донорот. Од една страна постои чувство на тага за изгубениот млад живот, од друга страна едно огромно восхитување за тоа што луѓето во најдлабоките моменти на тага успеале да најдат една голема човечност. И водени од таа хуманост, да одлучат да донираат органи со кои ќе спасат друг живот. Таквото чувство на восхитеност од хуманоста на донорот е најголемо и тоа треба да мотивира, да биде земено за пример кој треба да го следиме, затоа што сите сме потенцијални донори и потенцијално сите можеме да бидеме херои и да спасиме не еден, туку повеќе животи.

Потешко е кога ќе престане да работи срцето при експлантација, или кога ќе почне повторно да чука при трансплантација?

– Емоциите се движат од едно чувство на длабока тага за прерано згаснат млад живот, до едно чувство на радост дека сепак тој живот, иако згаснал, овозможил друг живот да продолжи да живее. Чувството кога за првпат почнува да чука новото срце на реципиентот е од другата страна, на другата крајност и е тешко објасниво чувство на среќа. Затоа што, се што сме направиле ние и траумата која ја доживеало семејството со смртта на донорот, вродило со плод, спасиле живот.

Сите очи беа вперени во Вас и вашиот тим, дали помисливте во еден момент дека нема да успеете?

– Притисокот беше многу голем затоа што очите на цела јавност беа насочени кон државна кардиохирургија. Јас верувам дека секој колега ќе признае дека нема лесна операција. Притисокот од грешка, од лош исход постои кај секоја операција, а не само кај кардиохирургијата. Но, кога сме во сала, тренирани сме да се исклучиме од сите тие надворешни влијанија и да се посветиме и концентрираме на тоа што едноставно знаеме дека треба да го направиме. Сега притисокот беше поголем затоа што беше најавена трансплантацијата. За среќа испадна се како што требаше.

Какви се реакциите на лекарите и целиот стручен тим кога за првпат ќе чукне пресаденото срце?

– Голема, голема радост. Тоа беше моментот кога сфативме дека целата жртва и на донорот и на семејството и целиот ангажман на тимот вроди со плод. До ден денес гледајќи го нивниот постоперативен тек и нивниот квалитет на живот, гледајќи ги живи, тоа е чувство кое исполнува. Јас колку што имам информација и едното и другото семејство комуницираат со семејството на донорот. Тоа е добро за да видат и тие дека направиле една добра одлука и да се радуваат на исходот од донорството.

Фото: Вангел Тануровски

интервјуто е сопственост и може да се прочита цело на mmc.mk

Total
0
Shares
Поврзани објави