Дваесет и двегодишна девојка загина во сообраќајка на „Партизанска“, возачот што ја удрил е приведен

Дваесет и двегодишна девојка го загуби животот во сообраќајна несреќа што се случи синоќа на булеварот „Партизански одреди“, кога во неа удрил автомобил зад чиј волан било две години помладо момче.

Од ударот, како што соопштија од републичкото Јавно обвинителство, девојката се здобила со тешки телесни повреди и починала на самото место.

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје извршил увид на местото, по кој издал наредба за обдукција на телото на почината. Издадени се наредби и за обезбедување снимки од видеонадзор на локацијата на несреќата, како и преземање на сите други дејствија за целосно испитување на настанот, се додава во соопштението на Обвинителството.

Дваесетгодишниот возач на автомобилот, марка „пежо“, исто така, е задржан и за него е издадена наредба за испитување на крв и урина.

Во информацијата за несреќата од Министерството за внатрешни работи (МВР) за „360 степени“ велат дека сообраќајката во Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје била пријавена синоќа во 23:43 часот.

Во полицијата било пријавено дека на булеварот „Партизански одреди“, патничко возило „пежо 207“ со скопски регистарски ознаки што го управувал В.Ј.(20) од Скопје, удрило во 22-годишната Ф.К., исто така, од Скопје, која се движела пеш.

„Од здобиените повреди на местото на несреќата починала Ф.К., а смрт констатирал лекар од Итната медицинска помош. Увид на местото извршиле увидна екипа на СВР Скопје и јавен обвинител, по чија наредба телото на починатата било дадено на обдукција“,велат од МВР.

Како што информираат оттаму, возачот на „пежото“ бил лишен од слобода и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Total
0
Shares
Related Posts