Дете меѓу трите жртви во нападот на детската болница во Мариупол

Тројца луѓе, меѓу кои едно дете, беа убиени во вчерашниот Руски воздушен напад на детска болница и родилиште во градот Мариупол, потврдија официјални украински претставници.

Уште најмалку 17 луѓе се повредени во страотните експлозии, меѓу кои има и бремени жени.

Според локалните власти во градот кој е под жесток напад на руските единици веќе неколку дена, ова не е првата болница која е уништена во Мариупол. Претходниот ден, била уништена и болница за лекување на болни од Ковид со 300 кревети, додека разорен бил и центар за трансфузиологија, каде се собираат донации во крв.Светската здраствена организација тврди дека досега во Украина биле изведени најмалку 18 различни напади на здравствени институции во земјата, од почетокот на инвазијата.

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, ја обвини денеска Русија дека извршила воено злосторство со бомбардирањето на болницата во Мариупол, повикувајќи на засилување на санкциите против официјална Москва со цел да се прекине инвазијата врз Украина.

На градот Мариупол, на Азовското море, му се заканува вистинска хуманитарна катастрофа. Речиси 430 000 жители на градот повеќе денови се под жесток руски напад од воздух и земја. Освојувањето на Мариупол има клучно стратешко значење за Руската армија и нивната инвазија на Украина, бидејќи на тој начин ќе остварат директна комуникација меѓу полуостровот Крим и ткн народни републики на проруските сепаратисти во Доњецк  и Луганск. Жителите на Мариупол живеат без струја, вода и греење, додека се помалку има и храна.

„Немаме вода за пиење. Во становите, температурата е околу 10-12 степени. Немаме гас, се замрзнуваме. Немаме храна, луѓето крадат. Дрвата се сечат, телата се закопуваат во дворовите на зградите. Толку е страшно. Не можеме да живееме вака!“, вели Тетјана Николенко, жителка на Мариупол

Заради пренатрупаните мртовечници, локалните власти започнаа да ги погребуваат мртвите сограѓани во масовна гробница.

Градските власти ископаа ров долг 25 метри, на едно од најстарите гробишта во градот, каде ги фрлаат безживотните тела на своите сограѓани завиткани во кеси. Околу 1 200 луѓе досега го загубиле животот во 9-дневната опсада на градот. Дел од погребаните во масовната гробница не ги загубиле животите во руските напади, починале од природни причини, но заради хаосот во град, нивните тела досега не можеле да се погребаа.

Жителите на градот се кријат во засолништата, обидувајќи се да се заштитат од руските напади, но и студот, во текот на минатаат ноќ, температурата се спуштила и под 9 степени целзиусови.

Total
1
Shares
Поврзани објави