Како се купувале станови и плацеви за Груевски, Камчев ќе го посетат од Бугарска амбасада

Сведокот Александар Ивановски, познат како сопственик на фирмата „Теранова“, на денешното рочиште за случајот „Плацеви на Водно“ откри како се купувале станови и плац на Водно за Никола Груевски преку неговата секретарка.

Тој рече дека имал преземено некои активности околу формирање на фирмата „Сирах инжинеринг“ во Македонија по барање на, како што рече, неговиот пријател Сашо Мијалков.

Ивановски рече дека управител на офшор компанијата „Сирах лимитед“ бил Ристо Новачевски, а кога обвинителката Лиле Стефанова го праша да објасни како дознал кој е управител, сведокот рече дека тоа му го кажал неговиот пријател Мијалков кога требало да купи плац од 11.000 метри квадратни на Водно, по цена од 1,5 милион евра.

Обвинителката го праша дали го познава лицето Лазар Бошњаковски и откако сведокот потврди, објасни дека со него разговарал за плацот на Водно, за кој рече дека имал добра цена од 1,5 милион евра со оглед на тоа што бил на атрактивна локација. Сведокот рече дека по извесно време, Мијалков го прашал дали сѐ уште се продава плацот на Водно затоа што негов пријател сакал да го купи.

Според Ивановски, плацот имал повеќе сопственици, а извесен Горан од Будва, кој исто така бил сопственик, ги застапувал и останатите. Плацот бил стекнат по пат на денационализација, а се наоѓал во близина на шестата управа на МВР, спрема сртот на Водно.

– Ако јас се прашувам, не е баш погоден за градење – рече сведокот Ивановски.

Тој раскажа дека со Горан од Будва се сретнале во Скопје, разговарале за плацот, а подоцна Мијалков му рекол да исконтактира со Ристо Новачевски, затоа што неговиот пријател бил заинтересиран да го купи. Ивановски рече дека од Новачевски разбрал дека тој е управител на „Сирах инжинеринг“, фирма-ќерка на оф шор компанијата од Белизе. Кога се договориле, во Скопје дошол Горан од Будва и договорот бил потпишан, а потоа чекале пари на сметката на фирмата за да го платат плацот.

– Јас немав лични интереси да проверувам дали тој плац е влезен во ДУП и во ГУП, но Мијалков ми рече да појдам во општината и да проверам. Откако проверив, видов дека на тој плац може да се гради во рамки на ДУП-от за Тасино Чешмиче – рече Ивановски.

Тој откри дека Мијалков му кажал дека плацот е за Груевски. Тоа се случило откако во 2015 СДСМ почна да ги објавува „бомбите“ и во тој контекст Мијалков наводно му рекол на Ивановски „Ете гледаш дека не те лажев дека плацот не е за мене“.

Фирмата „ИТК инжинеринг“ преку која биле купувани плацевите била формирана со влог од 5.000 евра, а на прашање на Стефанова за кого биле купувани плацевите Ивановски одговори „За пријател“.

– Преку таа иста фирма подоцна се купил и стан кој граничи со станот на Груевски во тој реон и оттаму дојдов до заклучок дека и плацот е за лицето Груевски. Станот беше купен со мои лични средства и од мои вработени што подигнаа кредит – рече сведокот Ивановски.

Дали го имате видено станот кој е купен од „ИТК“, праша обвинителката, на што сведокот негираше. Подоцна, сведокот рече дека бил замолен од Мијалков да купи уште еден стан до тој претходниот на име на секретарката на Ивановски, Татијана Стојановска која го купила станот од 40 метри квадратни, а како што рече сведокот, бил наменет за Груевски.

Сведокот рече дека немал лични контакти со Груевски околу купувањето на становите, но дека Груевски во неколку наврати му се јавил телефонски или со порака на Ивановски од унгарски број во 2018 година при што се интересирал за купување станови во Центар. Сакал да купи станови за неговата сопруга и за децата.

Пред почетокот на денешното продолжение на судењето за случајот „Плацеви на Водно“, судијата Илија Трпков му кажа на обвинетиот Јордан Камчев дека дозволува посета на 5 ноември во затворот во Шутка, од страна на Герман Ванчев, советник за политички прашања, безбедност и миграција во Бугарската амбасада во Скопје.

Барањето е од Бугарската амбасада до Министерството за правда. Министерот Бојан Маричиќ дозволил, но морал да го праша Кривичниот суд, односно судијата Иле Трпков. Бугарската амбасада со вербална нота до Маричиќ побарала Ванчев на 5 ноември да го посети во притвор граѓанинот на Република Бугарија Јордан Камчев.

Во април 2018 година, Бугарија од Македонија побара согласност од македонското Министерство за надворешни работи да го именува бизнисменот Јордан Камчев за функцијата почесен конзул на Република Бугарија, со седиште во Штип. Во јули следната година, Бугарија се откажа од ова барање, поради, како што кажа тогашниот вицепремиер Красимир Каракачанов, реакциите во македонската јавност и противењето на македонската влада.

Судијата го извести Камчев дека дозволува, исто како и за поранешниот еврокомесар, Словакот Јан Фигел, иако имал само копија од дипломатски пасош.

На 20 октомври 2020, пак, сведокот имал пропуштен повик од Груевски, а тоа било откако Ивановски веќе дал исказ во Обвинителството за организиран криминал за случајот „Плацеви на Водно“.

Total
4
Shares

USJE
Поврзани објави