Кога е најправилно да се додаде кромидот, а кога месото…Тоа е тајната на најдобриот рецепт за ГУЛАШ 

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ:

½ кг говедско месо исечкано на коцки
1-2 големи главици кромид
2-3 чешниња лук
2 моркови
2-3 поголеми компири (по избор)
100 мл црвено вино
½ литар супа од месо (булјон)
½ литар вода
2 лажици брашно
1 лажица доматен концентрат
1 ловоров лист
3 лажици масло по желба за пржење
сол и црн пипер по вкус
свеж магдонос или мајчина душица за посипување одозгора при послужување

Сочното месо и сосот со полн вкус се дефиницијата за сочен гулаш, јадење кое не бара посебни вештини во кујната, но лесно може да се згреши. Ова се важните совети:

-Месото исечкајте го на коцки со еднаква големина, а доколку имате доволно време можете да го маринирате и во вино или вински оцет.

Во маринадата можете да додадете и сенф и соја сос, како и зачини: лук, мајчина душица, ловоров лист или рузмарин. Ако одлучите да маринирате, пред печењето избришете го месото со хартиена салветка за да не е влажно.

-За да биде месото што е можно повкусно, задолжително испржете го во тава пред да ја додадете течноста.

Некои луѓе грешат, па го пржат месото на кромид, но големите готвачи не го препорачуваат овој начин. Ако сакате меко и сочно месо кое се топи во уста како локум направете го следното:

-Во тава или во тенџере со малку масло пропржете ги коцките месо (може сосем малку да ги набрашниоте за да им се затворат порите), а ако имате поголема количина месо правете го тоа на неколку наврати, а не одеднаш, за да не се зготви наместо да порумени.

-На повеќето видови гулаш им треба време за да развијат добри вкусови, затоа не брзајте. Потребни се најмалку два часа месото да омекне, а времето на готвење слободно продолжете го за еден час.

Ако побрзате и ја засилите топлината, мускулните влакна ќе се згуснат и ќе станат цврсти, па месото ќе биде тврдо и жилаво.

ПОСТАПКА:

Во голема тава загрејте го растителното масло и пропржете ги коцките од говедско месо кои претходно сте ги посолиле и запипериле. Пржете ги кратко или додека коцките да добијат убава румена боја од сите страни. Ќе ви требаат околу пет минути.

Извадете го месото од тенџерето, а во останатата маснотија пропржете ги кромидот и лукот исечкани ситно. Истурете го виното и мешајте за да се раствори сета маснотија кога се зафатила на дното од садот (која останала при пржењето на месото)

Гответе сè заедно околу пет минути. Додајте го брашното во тенџерето, добро измешајте, па сипете булјон и вода. Вратете го месото во тенџерето, додајте го доматниот концентрат и ловоровиот лист.

Кога течноста ќе почне да врие, намалете ја температурата и оставете сè заедно да се готви околу еден час.

Пред самиот крај, во тавата ставете ги компирите исечени на еднакви делови, како и морковите. Измешајте сè и варете уште 45 минути на ниска температура, односно додека зеленчукот целосно да се свари и месото убаво да омекне.

На крајот од готвењето, вкусете, по потреба додајте повеќе сол и пипер. Послужете со свеж магдонос, со парче домашен леб или со сварени тестенини по желба.

Total
0
Shares