Кривична за Рускоска в понеделник, американска амбасада – ова е прашање за надлежните органи

Првиот човек на Финансиска полиција Арафат Муареми со својот стручен тим ги пишува кривичните пријави против обвинителките Вилма Рускоска како и Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска и тие ќе им биде поднесени во понеделник, информираат за ТВ21 од кабинетот на Муареми. Пријавата, како што велат оттаму, се однесува на злоупотреба на службената положба и фалсификување исправа. Муареми и јавно ја повика Рускоска доколку има некакви докази против него да покрене обвинителен акт. Улогата на еден јавен обвинител најмалку од се е да изјавува дека ќе сподели сознанија и информации со јавноста за таа да суди кој е криминалец, туку криминалот се докажува во рамки на институциите, преку писмена реакција и порача Муареми.

„Нашата постапка пред надлежните институции ќе продолжи преку сите законски права и можности за преземање на правните лекови. Уште претходно имам напоменато дека бев свесен дека обвинителката во јавноста ќе го злоупотреби институтот на наводен притисок. Ја повикувам Вилма Рускоска, доколку располага со сознанија и информации за сторен криминал од моја страна, истите да ги докаже и на јавноста да и пласира обвинителен акт против мене а не празни и неосновани сознанија и информации, дискредитирајќи ја во целост функцијата која ја извршува“, вели Арафат Муареми.

Шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција вчера вечерта преку писмено обраќање  ги повика амбасадорите, меѓу кои и европската обвинителка Лаура Ковеси, поради, како што рече, притисок на претставник на Владата, односно директорот на Финансиска полиција Муареми кој е под истрага.

„Ги повикувам сите надлежни институции во државата, меѓутоа и сите меѓународни институции и амбасади, пред се Амбасадата на САД и Канцеларијата на ЕУ, еднаш засекогаш да ги проверат сите факти и да се расчисти кој во оваа држава се бори против криминалот, а кој го прави криминалот. Згрозувачки е овој притисок врз обвинители за гонење на организиран криминал и корупција од страна на  именувано лице од Владата Арафат Муареми, како и мешањето во предмет на Обвинителството кое е стриктно забрането, согласно Законот за јавно обвинителство. Ако Владата сака државата да биде вистинска правна држава, а не правна држава прикажана преку ПР преку медиумите, вистината мора да излезе на виделина“, посочи Вилма Рускоска.

На овој повик на Рускоска реагираше и Муареми кој вели дека и тој се приклучува на повикот на амбасадорите.

„Се придружувам и јас кон повикот на обвинителката до амбасадите и сите страни на кои се повикува за “помош”- нека и тие го потврдат она што Јавниот обвинител на Република Северна Македонија го утврди со надзорот над незаконското работење и неетичко постапување на Вилма Рускоска и останатите обвинителки кои преземале незаконски дејствија. Одговорност за вашето постапување мора да има“, додава Муареми.

ОД АМЕРИКАНСКАТА АМБАСАДА СООПШТИЈА :

„Се чини дека ова прашање е тековен процес и е прашање за надлежните органи да го решат“, одговорија од Амбасадата на САД во земјава по повикот на шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал Вилма Русковска. 

„Амбасадата на САД е вложена во унапредување на владеењето на правото во Северна Македонија и ги поддржува напорите на властите и на правосудството за обезбедување на транспарентност и отчетност кај институциите и внатре во нив“, се вели во одговорот на американска амбасада.

Минатиот месец Обвинителството за организиран криминал и корупција влезе во Управата за финансиска полиција во предистражна постапка. По ова Муареми ја пријави Рускоска кај државниот обвинител Јовески за незаконско постапување за кое беше спроведена контрола која покажа дека шефицата на Организиран криминал дала наредба за незаконски претрес, откако претходно му дала погрешни информации на судијата на претходна постапка за да ја обезбеди наредбата за претрес.

Total
1
Shares
Поврзани објави