Македонски државјанин се обидел да влезе во Србија со куфер со облека натопена во кокаин

Српски цариници на аеродромот „Никола Тесла“ во Белград, спречија 51-годишен државјанин на Македонија да влезе во Србија со куфер полн со облека натопена со кокаин, јави дописникот на МИА од Белград.

Како што наведува Царинската управа, македонскиот државјанин на 13 декември допатувал од Еквадор, преку Амстердам во Белград, каде што цариниците при прегледот на багажот забележале дека облеката е влажна и потешка од очекуваното.

Штом патникот го отворил куферот се почувствувал силен мирис на киселина, а целата облека во багажот била влажна. Во куферот немало ништо друго освен облека, чевли и средства за лична хигиена, иако патникот рекол дека дошол од Еквадор, каде што 13 дена престојувал кај пријател.

– На прашање на царинските службеници зошто се влажни работите, патникот изјавил дека во земјата од каде доаѓа има висока влажност, па испраните алишта не успеале да се исушат, соопшти Царинската управа.

По консултации со Обвинителството, наредено е багажот привремено да биде задржан и да се испрати на вештачење, а наодите на Националниот центар за криминалистичка форензика на српското МВР потврдиле дека примероците се позитивни на кокаин.

Против државјанинот на Северна Македонија ќе биде поднесена кривична пријава поради сомнеж за трговија со дрога.

Total
1
Shares
Поврзани објави