Два часа по убиството кај Мавровка, Министерството за внатрешни работи излезе со детали. Како што информираат оттаму досега се приведени две лица.
„Од страна на полицијата веднаш се преземени оперативно – тактички мерки, затворање на дел од градското подрачје, преглед на повеќе домови и преглед на повеќе возила, во кои се вклучени специјални полициски сили, хеликоптери и дронови. Имено, на подрачјето на општина Чаир, забележено е патничко возило, кое се обидело да побегне, при што лицата од возилото пружиле отпор со употреба на огнено оружје. Полициските службеници возвратиле, по што едно лице е лишено од слобода. При преземањето понатамошни мерки, од слобода било лишено уште едно лице, а на полицијата е познат и идентитетот на третото осомничено лице кое е во бегство и за кое се преземаат мерки за негово пронаоѓање“ велат од МВР.
МВР информира дека во текот на денот, се до расчистување на случајот, на скопските улици ќе има зголемено полициско присуство.