Обвинителката Хаџивасилева: Не сакаме да ја блокираме болницата „Жан Митрев“, обвинетиот може да понуди и друга гаранција

За предметот против Жан Митрев кој ОЈО Скопје го отвори по документарецот „Нечиста крв“ на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) емитуван во јули лани, обвинителката е убедена дека има доволно докази за ја докаже вината на обвинетиот и болницата

Обвинителството нема намера да го блокира работењето на болницата „Жан Митрев”, вели обвинителката Искра Хаџивасилева од ОЈО Скопје за блокираните сметки на клиниката откако оттаму утрово се пожалија дека не можат да функционираат.

Барањето за блокирање сметки е од пред неколку месеци, а судот донесе одлука непосредно пред почнувањето на судскиот процес. Обвинителката вели дека таа мора да води грижа и за побарувањата на оштетените пациенти и семејства, а на обвинетиот Жан Митрев му порача дека може да понуди и друга гаранција, па да се одмрзнат сметките. Тоа, нагласи, го дозволува и законот.

„Ова е нешто што трае подолго време. Обвинителството повтори дека не е негова претензија да се блокира работата на болницата, напротив, се водевме од начелата на пропорционалност. Сега имате од страна интерес на оштетени и нивното правото на побарување кое е пријавено, јас чувствувам обврска да го заштитам истото, но повторено е многупати како и денес дека одбраната може и апсолутно е прифатливо да понуди износ како гаранција за таквото побарување. Тоа е нешто што обвинителството и тоа како ќе го цени дури и го охрабрува”,изјави обвинителката.

Од клиниката, пак, претходно се пожалија дека не може да си ги извршуваат обврските кон банките.

„Укажуваме дека со донесените мерки целосно се блокира работењето на болницата ‘Жан Митрев’, која е здравствена организација од јавен интерес. Клиниката ‘Жан Митрев’ од денеска не е во можност да ги отплаќа обврските кон банките. Сакаме да ја информираме јавноста дека ќе направиме сè што е во нашите можности и лекувањето на ниту еден пациент нема да биде доведено во прашање иако, постапките на Кривичниот суд, а на барање на обвинителството одат во поинаква насока односно бараат наше затворање“,пишуваше во соопштението од болницата.

Жан Митрев и болницата како правно лице се обвинети за кривичното дело измама, а предметот е поврзан со користење на методот на хемофилтрација кај ковид-пациенти за што обвинителството тврди дека докторот не смеел да го прикажува како алтернатива за лекување од овој вирус. Докторот и сопственик на клиниката денеска се појави во Основниот кривичен суд Скопје на првото закажано рочиште, но тоа се одложи бидејќи тој ангажирал нови адвокати кои бараа време за да се запознаат со предметот. Коментирајќи го одложувањето, обвинителката рече дека неговото право на одбрана е неприкосновено, но треба да биде и гаранција понатаму за неговото присуство во судскиот процес.

„Правото на одбрана е неспорно, обвинетиот може да ангажира и повеќе бранители, но тоа не треба да биде причина за одлагање, правото на одбрана треба да претставува гаранција за соодветно присуство на бранител во целата постапката”,рече Хаџивасилева.

За овој предмет кој ОЈО Скопје го отвори по документарецот „Нечиста крв“ на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) емитуван во јули лани, обвинителката е убедена дека има доволно докази за ја докаже вината на обвинетиот и болницата.

„Обвинителството работи врз основа на факти и прибира доказен материјал. Овој предмет е почнат по допрен глас врз основа на новинарското истражување. Но не и само тоа, однапред беше јасно дека и претходно постоеле и многу пријави од лица кои биле доставувачи до лекарска комора, невладини, здруженија… така што обвинителството собираше докази, утврди фактичка состојба и поднесе обвинение бидејќи сметаше дека основното сомневање е потврдено од доказите. Тоа се објективните нешта, а какво е субјективното чувство на обвинетиот не знам”,рече Хаџивасилева.

Следното судското рочиште е закажано за 5 април.

Докторот Жан Митрев, пак, го напушти судот додека обвинителката зборуваше пред новинарските камери, иако побараа, тој денеска не даде изјави пред новинарските екипи.

Во своите јавни настапи претходно, како и во неколкуте соопштенија испратени до медиумите. Митрев тврдеше дека не измамил пациенти како и дека ова е хајка против него.

„Вистината е на наша страна, обвинението е целосно неосновано и тоа ќе го докажеме и институционално. Очекуваме брз и транспарентен процес на кој преку јасни и јавни информации, сведоштва и доказен материјал ќе се утврди вистината дека ниту еден пациент не бил измамен“,рекоа од клиниката по поднесувањето на обвинението на 10 јануари.

Во текот на ковид-пандемијата, во најтешките периоди, тврдеа оттаму, работевме според сите меѓународни стандарди, транспарентно и во согласност со утврдени и дозволени методи за лекување.

Total
0
Shares
Поврзани објави
Повеќе

Катица го тужи Боки

Судскиот совет денеска одби дел од доказите доставени од обвинетата Катица Јанева, а прифати да се презентираат како…