Обвинителството ќе бара притвор за приведените за случајот “Делчевски ниви”

Обвинителството ќе бара притвор за осомничените во случајот „Делчевски ниви“, за кој вчера Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава, дознава „Фокус“.

Oбвинителството не бара притвор поради опасност од бегство , туку дека можат да ја попречат кривичната постапка со влијание врз сведоци или да уништат докази.

Седумината осомничени вчера беа уапсени и однесени во полициска станица, а во текот на денешниот ден ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка во Кривичниот суд, кој ќе одлучи по барањето за притвор.

Во случајот осомничени се двајца управители на „ЕВН Електрани Македонија“, Игор Гиевски и Мирослав Митровски. Како што дознава „Фокус“, Гиевски, кој е поранешен претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, бил разрешен од позицијата пред околу 3 месеци, а Митровски, кој е син на поранешниот градоначалник на Ѓорче Петров, Сокол Митровски, се уште е вработен.

Меѓу осомничените е и Дарко Тодоровски, кој е поранешен советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Делчево, како и Орце Тодоровски -Ефто, кој важи за близок на лидерот Христијан Мицкоски. Има и еден брачен пар, Влатко и Марија Илиевски. За Илиевски владејачката партија тврди дека му е телохранител на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски. Со кривичната пријава е опфатен и Дарко Ќурчиски кој поседува бензинска пумпа во Делчево.

Според истрагата, парцелите биле продадени на ЕВН Електрани по цена од околу 800 денари за метар квадратен, а сопствениците на земјиштето само три недели претходно го купиле по цена од 15 до 20 денари за метар квадратен.

Финансиската полиција се сомнева дека управителите свесно и со намера, изготвиле анализа во која прикажале лажни податоци за земјишта во делчевско кои не ги исполнуваат законските услови за пренамена од земјоделско во градежно земјиште со цел ЕВН на истите да гради фотонапонски централи.

-Со тоа тие го довеле во заблуда Управниот одбор на ЕВН Македонија да донесе Одлука за склучување на договори за купопродажба на недвижен имот за изградба на фотонапонски централи, врз основа на која одлука се склучени договори со останатите четворица пријавени. Така управителите овозможиле на сметките на дел од пријавените од ЕВН да се исплатат вкупно 99.431.060 денари за земјишта чија реална пазарна вредност изнесува 2.146.723 денари, велат од Управа за финансиска полиција.

Total
32
Shares
Поврзани објави