Осум лица се загинати, а седум се повредени во пожар во дом за нега на стари лица во белградската Општина Бараево. Пожарот е изгаснат, а во гаснењето учествувале голем број пожарникари и противпожарни возила, пренесува српската национална телевизија РТС.
Пожарот бил пријавен во 3:32 часот утринава, а екипи на Секторот за вонредни ситуации веднаш биле испратени на местото на настанот.
Началникот на Секторот за вонредни ситуации на српското Министерство за внатрешни работи, Лука Чаушиќ, вели дека во домот имало 30 лица.
Седум повредени, како што вели тој, со возило на итна медицинска помош биле пренесени на Военомедицинската академија (ВМА) и во Ургентниот центар.
Чаушиќ вели дека сè уште се истражува дали може да има некој преостанат извор што би можел да предизвика дополнителен пожар. Причината за пожарот, вели тој, ќе се утврдува во наредните часови.
Тој додаде дека домот за стари лица се наоѓа далеку од прометните патишта, но противпожарните екипи брзо пристигнале и на повредените им била укажана помош во рекордно време.
Според министерот за труд и социјала Немања Старовиќ, има сомневања дека пожарот бил подметнат.
Тој во изјава за РТС вели дека домот за стари лица имал важечка лиценца и биле исполнети сите стандарди за заштита од пожари.
Главниот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград, Ненад Стефановиќ, вели дека дежурен јавен обвинител спроведува истрага на местото на пожарот.
Тој додава дека постојат основи за сомнение дека пожарот го подметнал еден од жителите на домот, кој и самиот настрадал.
„Наредена е обдукција на жртвите од пожарот и се утврдуваат сите околности на овој случај, по што белградската полиција ќе одлучи за понатамошните чекори“,изјави Стефановиќ.